Што ќе прави Македонија без британските пари за заштита од руските закани?

Агенцијата за национална безбедност предупредува дека Македонија, како членка на НАТО и земја насочена кон евроинтеграциите, постојано се соочува со организирани манипулативни наративи и дезинформации.

Во момент кога Велика Британија го опишува Западен Балкан како „кризно жариште на Европа“, а Русија како еден од клучните извори на хибридни закани, истата таа земја најавува значително намалување, до 40 отсто, на средствата наменети за спротивставување на ваквите влијанија во регионот.

Што значи тоа за Македонија, земја-членка на НАТО, која веќе се соочува со хибридни притисоци, и дали државата може сама да се справи оваа борба?

Британија го крати парите за борба против руското влијание на Балканот – дали ќе се намали и поддршката за Македонија?

Според Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Македонија не е изолирана од современите хибридни закани. Напротив, АНБ потврдува дека континуирано регистрира организирани и координирани обиди за странско влијание.

Иако овие активности се дел од „пошироки регионални и глобални трендови“, АНБ посочува дека Македонија, „како активна членка на НАТО и како држава која е јасно определена кон евроинтегративните процеси, претставува легитимна цел за интерес од различни странски центри на моќ“.

— Странските влијанија најчесто се манифестираат преку пласирање дезинформации, манипулативни наративи и други хибридни активности со цел да се поткопа довербата во институциите, да се поларизира јавноста и да се попречат стратешките цели на државата — велат од АНБ за „Слободен печат“.

Што планира Трамп за Западен Балкан ако воопшто планира нешто?

Сепак, во Македонија нема конкретно дефинирано тело со строги надлежности за справување со дезинформации, велат за „Слободен печат“ од Министерството за дигитална трансформација.

Министерството посочува дека работи на сајбер безбедноста и на институционалната отпорност, но дека не е надлежно за содржинската борба против дезинформациите или за безбедносните аспекти на хибридните закани.

„Русија нема ништо лично против Македонија“

Во однос на улогата на Русија, од АНБ велат дека хибридните и информациските операции на Москва не се насочени кон поединечни држави, туку кон НАТО како целина. Во тој контекст, нагласуваат дека Македонија, како членка на Алијансата, не е изземена од ваквите влијанија.

Кога станува збор за каналите преку кои се врши ваквото влијание, професорот по безбедносни студии Злате Димовски за „Слободен печат“ вели дека не постои една единствена целна точка. Според него, ваквите активности се присутни „во сите сфери согласно проценката на позитивен ефект во нивна полза“.

— Сметам дека влијанија во која било земја остваруваат офанзивните разузнавачки центри на развиените земји кои се постојано во тренд на следење, разработка, анализа и на преземање на дејствија од политички, економски, воен или разузнавачки карактер доколку има потреба. Помеѓу нив се вбројуваат и службите од Русија кои во континуитет си ги реализираат нивните стратешки цели — објаснува Димовски.

Злате Димовски - Професор на факултет за безбедност во Скопје. Фото - Слободен печат / Методи Здравев
Злате Димовски – Професор на факултет за безбедност во Скопје. Фото – Слободен печат / Методи Здравев

Од Агенцијата за национална безбедност нагласуваат дека ризиците не се рамномерно распределени и дека одредени простори се значително поранливи од други.

Медиумскиот простор и социјалните мрежи и понатаму остануваат најекспонирани и најранливи полиња за спроведување на дезинформациски и хибридни активности,“ велат од АНБ, додавајќи дека нападите се поврзани со теми што директно ги засегаат политиката, безбедноста и пошироките општествени прашања – области кои, како што наведуваат, се постојано под нивен фокус.

„Ќе биде тешко без парите од странство, ама не е крај на светот“

Министерството за дигитална трансформација наведува дека Македонија соработува со Обединетото Кралство, ЕУ и со други донатори преку обуки, поддршка за политики и преку јавни кампањи, а странската помош е „дополнување, а не замена“ на националните напори.

— Евентуалните кратења би можеле да имаат одредено влијание врз динамиката и врз обемот на поединечни активности, но не значат автоматско ослабување на дигиталната безбедност бидејќи државата се потпира на нова Национална стратегија за сајбер безбедност и за национално финансирање — тврдат од Министерството.

Oд АНБ, пак, нагласуваат дека меѓународната поддршка е значајна за јакнењето на националните капацитети, што го повлекува прашањето дали странската помош е само „дополнување“.

— Без навлегување во доверливи или класифицирани информации, Агенцијата за национална безбедност смета дека меѓународната поддршка, вклучително и техничката и експертската помош од партнерски држави, има значајна улога во јакнењето на националните капацитети за спротивставување на дезинформации и на други форми на хибридни закани — велат од АНБ.

Професорот Злате Димовски, пак, предупредува дека намалувањето на британските средства ќе има последици.

„Намалувањето на средствата секако негативно ќе влијае на натамошните планирани активности во правец на спротивставување на т.н. хибридни закани,“ вели тој, додавајќи дека државите сепак не се беспомошни и дека „со сопствените средства и со поголем ангажман, со точно таргетирање на приоритетите, јасно дефинирање на целите кои треба да бидат валидни, реални, спроведливи и наменски, би се постигнал ефект иако средствата ќе бидат намалени или сосема прекинати“.

Каде одат и како се трошат парите?

За распределбата на странските средства, Димовски посочува јасна разлика меѓу граѓанскиот сектор и институциите.

— По мои сознанија, доста средства се на располагање на невладините организации, кои имаат успех во реализација на одредени проекти, а додека, пак, средствата на располагање се дистрибуираат во институциите во форма на обуки, опрема или на материјали — објаснува тој.

Како најефикасен модел за справување со странско влијание, Димовски ја посочува НАТО-димензијата.

— Како членка на НАТО, а во тој контекст искористување на информациите преку размена на истите, размена на искуства и искористување на помошта на партнерско ниво, можеме да постигнеме ефекти на успешно справување со ризиците и заканите кои доаѓаат од други држави, вклучително и Русија — заклучува тој.

Според кажаното на соговорниците на „Слободен печат“, Македонија ја препознава заканата, но истовремено функционира во систем со поделени надлежности и со силна зависност од проектен пристап. Во услови на намалена странска поддршка, прашањето не е дали постои ризик – туку дали државата навистина може самостојно да го носи товарот на новата безбедносна реалност.

Кој порачува ботски напади врз медиумите на Балканот? Од ПР-агенции и партиски „онлајн штабови“ до скриени играчи зад кампањите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот