Британија го крати парите за борба против руското влијание на Балканот – дали ќе се намали и поддршката за Македонија?
Британскиот премиер Кир Стармер неодамна го опиша Западен Балкан, кој ги опфаќа Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, како „кризно жариште на Европа – место каде што се тестира безбедноста на нашиот континент“. Сепак, британските средства, наменети за зајакнување на Западен Балкан, се намалени од 47 милиони евра лани на 28 милиони евра за 2025-2026 година.
Намалувањето на средствата за странска помош од страна на Кир Стармер доведе до 40 отсто кратење на финансирањето за „спротивставување на руската агресија и дезинформации на Западен Балкан“ којшто премиерот го опиша како клучен за националната безбедност на Обединетото Кралство, објави „Гардијан“.
Препорачано
Британските средства наменети за зајакнување на Западен Балкан се намалени од 40 милиони фунти лани на 24 милиони фунти за 2025–2026 година.
Интегрираниот безбедносен фонд (ИСФ) е наменет за справување со највисокоприоритетните закани за националната безбедност на Велика Британија, како дома така и во странство.
Стармер неодамна го опиша Западен Балкан, кој ги опфаќа Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, како „кризно жариште на Европа – место каде што се тестира безбедноста на нашиот континент“.
Средствата од ИСФ минатата година беа користени, меѓу другото, за спротивставување и за одговор на злонамерни сајбер напади во регионот, како и за јакнење на демократските институции и независните медиуми.
Намалувањето на финансирањето од британската влада се чини дека е последица на политиката на Стармер за намалување на Официјалната развојна помош (ОДА) за земјите со низок и среден доход.
Износот на ОДА, наменет за Западен Балкан, преку ИСФ е намален од 31,91 милион фунти во 2024–2025 година на 17 милиони фунти во 2025–2026 година.
Податоците од Кабинетот на министрите покажуваат и дополнително кратење од 1,15 милиони фунти од т.н. „средства што не се ОДА“ за регионот.
– Го посетив Западен Балкан овој месец. Сосема е јасно дека тие се на првата линија во борбата против руската дезинформација и мешање, и многу сум горда на работата што Обединетото Кралство ја прави за да ги поддржи во таа борба, за нивната безбедност и за безбедноста на цела Европа. Потребна е поголема, а не помала поддршка за независните медиуми. Луѓето се жедни за вистината, а многу е тешко да се дојде до неа – изјави претседателката на Комитетот за надворешни работи и поранешна министерка во сенка за надворешни работи во тимот на Стармер пред општите избори, Емили Торнбери.
Д-р Кејт Фергусон, која е меѓу извршните директори и раководителка на политиката и истражувањата во „Протекшн апроучес“, невладина организација која работи во Западен Балкан на спречување насилство врз основа на идентитет, изјави дека Велика Британија има добар досегашен учинок во регионот и дека тој не треба сега да се поткопува.
– Националната безбедносна стратегија правилно препознава дека живееме во период на засилена стратешка конкуренција за правилата и за управувањето на светот; во Европа тоа го гледаме преку начините на кои Русија ги проширува напорите да го поткопа нашиот демократски консензус. Затоа е суштински важно Министерството за надворешни работи да биде соодветно и доволно финансирано за да одговори на овие растечки закани по демократијата и по нашата колективна безбедност. Во последниве години, Велика Британија се истакна на Западен Балкан како доверлив и принципиелен лидер, кога други понекогаш потфрлаа. Сега, кога новите форми на руска агресија и злонамерно влијание се продлабочуваат во регионот, тоа лидерство мора да се зајакне, а не да се разводни – рече таа.
„Британија му дава помал приоритет на градењето мир“
Оваа недела, новиот шеф на британското надворешно разузнавање MИ 6, Блејз Метревели, изјави дека Британија се наоѓа во „простор помеѓу мир и војна“ и ја опиша Русија како „агресивна, експанзионистичка и ревизионистичка сила која се обидува да ја покори Украина и да го вознемирува НАТО“.
Шелаг Дејли, раководителка на тимот за политики во „Сејферворлд“, невладина организација што спроведува програми во Западен Балкан, оцени дека кратењата изгледаат како дел од поширок потег на британската влада да ѝ даде помал приоритет на превенцијата на конфликти.
Што планира Трамп за Западен Балкан ако воопшто планира нешто?
– Ова го одразува поширокиот тренд што го гледаме кај ИСФ и кај другите програми за странска помош на Обединетото Кралство, во услови на кратења. Се чини дека станува збор за намалување на приоритетот на работата за превенција на конфликти и градење мир, иако конфликтите глобално се зголемуваат, општествата се сè поделени, а основните слободи се потиснуваат. Не изгледа кохерентно или стратешки да се повлекува поддршката за програми што имаат цел да ги адресираат причините за конфликт и кревкост, токму во момент кога ризиците за глобалната безбедност се толку високи – посочи таа.
Портпарол на владата изјави дека „бројките во извештајот претставуваат само еден дел од вкупната инвестиција на Обединетото Кралство во Западен Балкан, на прашања како организиран криминал и непријателски активности на држави“.
– ИСФ е дизајниран да се приспособува на најновите приоритети за националната безбедност и честопати финансира краткорочни проекти, па затоа е природно одлуките за трошење да се менуваат со текот на времето – посочи тој.
Бидејќи и Македонија спаѓа во земјите од Западен Балкан, се наметнува прашањето дали Британија ќе го скрати финансирањето за спротивставување на руската агресија и дезинформации за земјата.
Пред неколку недели се одржа конференција за хибридни и информациски закани во хотелот „Холидеј Ин“ на која се обратија премиерот Христијан Мицкоски, амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, и други експерти на темата.
– Важно е системите да имаат сигурни извори на информации. Дезинформациите ја нарушуваат секоја демократија. Во партнерство со Македонија, ја гледаме Русија како главен фактор на вакви влијанија врз јавноста – изјави Лосон.


