Што е кила (хернија)? Неколку прашања и одговори

Во клиниката „Жан Митрев“ се користи една од најновите техники на решавање на препонските кили, која што е започната да се работи во светот од 2002 година, а во Македонија почна да се користи од 2003 година.

Под кила се подразбира протрузија на интраабдоминални органи низ природните или стекнати отвори на абдоминалниот ѕид, а како резултат на диспропорција помеѓу интраабдоминалниот притисок и јачината на абдоминалниот ѕид. Секоја кила се карактеризира со: килна ќеса, килен отвор и килна содржина. Врз основа каде се наоѓа килата таа може да биде препонска (ингвинална) кила, на самиот папок (папочна-умбиликална) кила, над самиот папок (епигастрична кила) и др.

Колку се чести препонските кили?

Препонските кили се најчести во однос на сите кили и тие претставуваат околу 85% од сите хернии што воопшто се јавуваат, после нив следуваат феморалните хернии со 8-10%, потоа папочните со 3%, а останатиот процент го прават сите останати хернии. Херниите се четирипати почести кај мажите отколку кај жените, во добар дел како резултат на топографско-анатомските односи (посебно кај ингвиналните хернии).

Кои се показателите, односно симптомите за препонските кили?

Симптомите кај препонските кили се најчесто на почетокот појава на болка во пределот на препоните, која посебно се потенцира при стоење, одење, кашлање, кивање, дигање поголем товар, скокање и др. На почетокот не мора визуелно да се гледа некакво испакнување за да се верифицира постоење на кила, но во подоцнежниот период постепено почнува да се формира килната ќеса и таа може да биде со различна големина (со големина како поголем орев, па до големина на фудбалска топка, па и поголеми).

Ингвиналните кили што се со помал отвор всушност претставуваат кили каде што најчесто доаѓа до вклештување за разлика од ингвиналните кили со поголем отвор. Значи најчест и единствен симптом кај херниите е болката во препонскиот дел како и визуелното испакнување во тој дел.

Каков е третманот, лекувањето на хернијата? Дали единствено решение е хируршки зафат или има и друго решение?

Лекувањето на препонските хернии најчесто е оперативно лекување, единствено кога постојат разни коморбидитети врз основа на кои е контраиндицирано давање анестезија, лекувањето може да биде конзервативно, односно со носење специјални појаси за ингвинални хернии унилатерални или билатерални. Во денешно време оперативното лекување претставува рутинска работа. Во решавањето на препонските хернии постојат многубројни техники, кои можат да бидат тензиони или пак нетензиони методи.

Порано почесто се користеле тензионите техники, кај кои не се употребувале „меш“ (mesh – мрежички), додека во денешно време најчесто се користат нетензионите методи, каде што може да се користат мрежички. Во клиниката „Жан Митрев“ се користи една од најновите техники на решавање на препонските кили, која е започната да се работи во светот од 2002 година, а во Македонија започна да се користи од 2003 година, благодарение на моето усовршување во болницата „Умберто Први“во Венеција, каде што се одржа работилница за оваа техника.

Какви правила важат за пациентот пред и по операцијата?

Предоперативно се препорачува пациентите да внимаваат на подигнување тежок товар, скокање, при кашлање и кивање да се фатат во пределот на килата и да притиснат во моментот кога ќе осетат зголемување на интраабдоминалниот притисок, бидејќи во такви моменти најчесто доаѓа до вклештување на килата.

За постоперативниот тек, за разлика од порано, правилата на однесувања се различни во зависност од техниката што е користена. Порано е сугерирано пациентите после операција да не треба да подигнуваат потежок товар, да не се занимаваат со потешка физичка работа подолг период, бидејќи е потребно да поминат околу шест месеци за да настане подобро зараснување и да може околното ткиво да преземе 80% од функцијата.

Но, во денешно време, со постоење на современите оперативни техники и користење на специјалните мрежички, постоперативниот тек е многу побрз и е потребно пациентите да внимаваат на подигнување потежок товар или пак физичка работа само во првите две седмици. После овој период тие се спремни и за најтешки физички активности, а опасноста од појава на рецидив е сведена на нула.

Какви совети би им дале на читателите за да се заштитат од овие типови на кила?

На читателите би им препорачал да внимаваат при зголемена физичка активност да не дојде до претерано зголемување на интраабдоминалниот притисок, при што може да дојде до појава на кила, но и да не се оптоваруваат премногу со оваа состојба, затоа што оперативното решавање на килите во денешно време е рутинска работа и штом ќе се посомневаат дека има кила од кој било тип, се препорачува веднаш да се јават кај хирург, бидејќи најдобар начин за лекување на препонските кили е хируршкиот.

Во месец ноември, месецот за подигање на свеста за машко здравје, од Клиника „Жан Митрев“ ве повикуваат да размислите за потребата од самопрегледи и превентивни прегледи. Клиниката „Жан Митрев“ ви овозможува 10% попуст на сите термини закажани онлајн. Информирајте се или закажете на телефон 02 309 1484.
(комерцијален текст)

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот