Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Тото Дејли бистро

Концерти, претстави, промоции, настани, гастронија и спортски случувања, еве идеи што да правите во Скопје овој викенд од 17. до 19. јануари.

Доброутро работни скопјани, и вам манекенки и манекени кои спиете до два часот после пладне во работни денови. Оние кои шетаат кучиња рано насабајле беа почестени со  искуството на првиот срамежлив снег во градот. Кој ви е крив што не станувате порано.

Неделата ни започна со медена вест од Лос Анџелес. Македонскиот филм „Медена земја“ успеа да добие две номинации за претстојните Оскари – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм. Браво за медената екипа! А, вие, ако сè уште не сте го гледале медениот документарец, ве потсетуваме дека денес и утре со почеток во 18 и 20 часот може да ја погледнете приказната за Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, во Кинотека на Северна Македонија, и во Синеплекс со почеток во 20, 20.45 и 21.45 часот.

Вообичаено во викендот пред Водици, денот на кој според христијанското предание Св.Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан, нема многу настани, но тоа не е причина да не се дружиме преку гастрономските искуства. Кога сме кај нив, улицата Ленинова, од страната карши Дебар Маало, многу поспокоен дел од градот, полека прерасна во гастрономско катче со разновидна и фенси понуда. Во пекарата  „Диман“ дегустирајте ја штрудлата со (многу) мак, лењата пита со јаболка и вишна, бротчињата, кои наликуваат на пастрмајлии, но наполнети со зеленчук или со шунка сирење и јајце.

Малку подолу од „Диман“ ќе наидете на трендовскoто бисто „Тото Дејли“ уредено во шик стил. И на менито ќе најдете шик јадења. Пробајте од чорбата од тиква, од салатата „Шеле“ (свежо варено цвекло, зелено јаболко, рукола, сушен домат, горгонзола, масло од татруфи, суво овошје, ореви, семки и балсамик крем), од салатата Тото, од чокаладниот тарт.

Малку подолу по „Ленинова“ ќе наидете на „Киоск“. Почестете се со „сити хамбургер“ со телешко месо, од телепкиот врап и од новиот кронут со портокал и чоколадо.

Веќе огладневте, нели? Ајде, сега да ги разгледаме културните и забавни настани низ градот.

ПЕТОК

17 часот

Почнете го интелигентно викендот со „Ноќ на книгата“ во Францускиот институт во Скопје, а темата ќе биде стрип. Земете си го омилениот стрип со вас и дојдете заедно да ја прославиме „Ноќта на книгата“.  Манифестацијата „Ноќ на книгата“ се организира на иницијатива на француското Министерство за култура во соработка со разни институции и книжевни актери. Францускиот институт во Скопје му се приклучува на четвртото издание на овој меѓународен настан со анимација на тема стрип, којашто ќе ја води аниматорот Бруно Асанте ди Капило.

20 часот

Во Национална опера и балет погледнете ја балетската претстава Кармен. Диригент е Иван Еминовиќ.

21 часот

Во МКЦ ресторанот ќе има убава музичка дружба. Имено, сите членови на Старовски се во Скопје во исто време после цели девет години!

21 часот

Традиционално петочки, во градското кафуле „Мистер Џек“ ќе има „Петак дан за метак“ односно забава со бендот Деј оф. Промоција ќе има на Џек Даниелс.

22 часот

Ако сте за македонска романтика, односно шлагери, навратете во „Јавна соба“.

САБОТА

12 часот

Во Кинотека на Северна Македонија, има Кино утро со „Момчето фантом“. Развеселете ги дечињата со добро анимирано филмче.  Еве како тече приказната: Лео, 11-годишно момче од Њуjорк, може да стане невидлив и да поминува низ ѕидови. Се спријателува со Алекс, полицаец, кој е привремено во инвалидска количка. Принудени се да внимаваат на Мари, своеглава новинарка, која тргнува во потрага по злосторникот, а во која Алекс е тајно вљубен…

Филмот е синхронизиран на македонски. Возрасна категорија: 8 години. Влезница: 100 денари.

18 часот/ 19.20 часот/20.40 часот

Едукативна забава за целото семејство, а особено за децата, ќе доживеете во Планетариум при МКЦ. Од 18 часот ќе има предавање за деца до 12 години, а од 19:20 и 20:40 часот предавања за возрасни. Билетите се набавуваат по принцип прв дојден – прв услужен, истите можат да се набават бесплатно на билетарница во МКЦ .

18 часот

Од 18 до 3 после полноќ, како и секоја година, така и оваа – се отвора сезона со славење Роденден (на уметноста). Влезот е слободен, а програмата вели дека 2020 ќе биде одлична! Повеќе информации за тоа што ќе се случува проверете – ТУКА. 

19 часот

Во Театар за деца и младинци погледнете ја претставата „Снежната кралица“ на Ханс К.Андерсен. Неконвенционалната раскажувачка постапка на Ханс. К. Андерсен, која што е повеќе лирска, ги претвора неговите сказни во поема на животот без граници. Оттаму и инспирацијата на авторката Билјана Крајчевска, за создавање еден современ препрочит, кој користејќи ги мотивите на сказната како предлошката, раскажува приказна за пријателството кое што не може да се растури, пријателство на кое што му стрепат сите опасности на современото општество почнувајќи од конзумеризмот што ги изместил сите вредности, кои допрва треба да се преоткријат. Режисерката Драгана Милошевски –Попова ја концепира фабулата низ чудесното патување на девојчето Герда. Таа е спремна да направи сѐ за да го пронајде својот пријател којшто е заробен во смрзнатото срце на Снежната кралица, покажувајќи ни ја моќта на вистинското пријателство. Ова е претстава за љубовта и растењето испишани од перото на едно дете. Во претставата се натпреваруваат две доминантни сили. Снежната кралица со своите невидливи сили, лукавоста и злото на која ја тера осаменоста, е претставник на ладниот разум и не може да сфати дека постојат наспроти неа такви кои што се спремни да се откажат од сопствениот интерес и да се жртвуваат заради љубовта и пријателството.

19 часот

Во МКЦ ќе се случува промоција на книгата  „Македонска сага“ од Сунчица Уневска. Станува збор за уште една книга со рецензии, како претходната „Седмиот печат“, но овојпат посветена целосно на македонскиот филм. Имено, ова е прво издание за македонскиот филм кое го опфаќа периодот од осамостојувањето на нашата земја па сè до денес, период на т.н. современ македонски филм или независна македонска кинематографија. Во книгата се поместени рецензии за 45 македонски филмови, почнувајќи од „Македонска сага“ (1993) на Бранко Гапо, па сè до „Втора шанса“ (2019) на Марија Џиџева.

А покрај рецензиите направен е и избор на новинарски текстови и коментари кои зборуваат за состојбата со филмот во одредени временски периоди, како и текстови за филмови кои на свој начин го одбележале времето во кое се појавиле. На тој начин оваа книга не е само збир на филмски рецензии, туку се претвора и во своевидна хроника на времето во последниве триесеттина години, која на овој начин за првпат го опфаќа споменатиот период на создавање во филмската дејност. Книгата е во издание на „Аквариус“, а веќе може да се најде во книжарниците „Матица“ и „Литература“ во Скопје. Промотори на книгата ќе бидат Гена Теодосиевска и Емил Крстески.

21 часот

Ако сте за добра журка во бифе Тафталиџе (на Партизанска) ќе има „Вива ла дивас“ со две градски девојки – Радмила Павловска (во улога на диџеј) и Сашка Костовска Длака (во улога на вокал).

НЕДЕЛА

7. часот

Би можеле да го искористите денот на здрав начин и со чист воздух. Имено, со еднодневно патување на Бистра. Поаѓањето е пред  Дрво Декор  (спроти Holiday Inn ), а враќањето е во 16 часот.
За информации јавете се кај Филип на тел. 070-349-267 или кај Бојан 072-755-700.

12.20 часот

Насмејте ги дечињата со урнебесната комедија за деца „Маскирани шпиони“, која се прикажува во  „Синеплекс“. Кога најдобриот шпион во целиот свет е претворен во гулаб, мора да се потпре на неговиот технички офицер кој, патем е бубалица, и да го спаси светот.

13 часот

Ако ви се пријаде пача и туршија, дестинацијата е „Нано бар“, каде ќе се послужуваат до 19 часот.

18 часот

Двочасовна детска работилница за најмилите, и тоа бесплатна има во Детски Креативен Центар при МКЦ. Работилницата е насловена „Играј со светлината”, а ментори се Нина Максимовa- актерка, Дени Стојанов актер, режисер и Доротеј Нешовски-интердисциплинарен уметник. Концепт за работилницатa е изработка на „Кукли-Ликови-Фигури“. Всушност станува збор за раскажување приказни позади белото платно, со помош на движечки кукли на стапчиња и светло. Магијата се добива со безграничната игра на сенките на куклите. Оваа древна театарска форма е посебна забава за најмладата публика не само заради визуелната мистика, туку и поради самиот процес на креација и изразување -бескрајните можности за интерпретација и импровизација, создавање приказни или игра/адаптација на веќе постоечки приказни, потоа игра со формите, стилот на куклите/фигурите и секако, игра со боите на светлото со помош на филтри во боја, транспаретнтни филтри итн. Идејата е децата сами да си изберат лик од веќе постоечка или измислена приказна, ќе  работиме на своја креација на  цртање на ликот, боење, сечење и моделирање. Следната фаза е создавање на ликот – кукла на дрвено стапче. Потоа, секое дете со свој партнер ќе работи на импровизација на своја приказна, позади белото платно, во комплетна слобода и креација на атмосферата како и текот на приказната. Децата заедно, како партнери „на сцена” ќе создаваат свои импровизирани  дијалози и сцени од нивните приказни. За атмосферата да биде успешна, ќе работиме во полу мрак, за да се добие посакуваниот визуелен ефект, како и за соодветна музичка позадина за магијата да биде целосно визуелно и аудитивно доживување.

Со оглед на тоа што бројот е ограничен на 20 учесници, пријавете го присуството на меилот [email protected]

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот