Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Здраво-живо мило Скопјенце, и вам задушени скопјани – што од воздухот, што од политиките. Пак ли за воздухот?! Ами, како. Децата ни шетаат со маски кои ги прекриваат нивните преубави лица, па на моменти ми заличуваат на Дикси, германскиот овчар, која редовно ја шетам низ центарот, со слична маска, а со поинаква „функција“. Иако кучката не знае да гризе. Луѓето гризат. Туку, ни маска ни бутур нѝ помага со воздухов, освен да си вградиме прочистувач на воздух под гркланот и така да тераме до пролет. Ете идеја за нов тендер.

Кога сме веќе кај одговорноста на Петрета, каде за Нова година? На плоштад?! Градоначалникот, како што лингвистички си вели и самото име на „титулата“ која ја носи, требаше да покаже градски дух (зашто е градски човек од соседството) и да направи градска забава, ангажирајќи градски лица од нашето Скопјенце, па да си ги видиме на бината. А, ги има цел куп, и вистински бранители на градот (му) се. А, вака, нè остави да се доубиеме, кај од воздухот, кај и со локалната малограѓанштина. Нели бе, стремиме кон Европа? Нели требаше младите да ги задржиме тука? Е па, прашајте ги младите скопјани дали го познаваат Дино Мерлин. Ама кога човекот е веќе таксан за бадијала, ние домаќините на градот, би му предложиле на Мерлина да искочи на бина пред полноќ и едно тристаидвајсет пати да ја испее песната „Мој је живот Швицарска“. Оти, таму си го гледаат животот младите кога вакви глупости се множат во родниот им град.

Со нас би се согласил дури и Благојчо од Каменица (најдете си го на Јутјуб, младите го знаат), кој го одгатна овој магичен број во еден квиз, одговарајќи на прашањето „Колку вкупно филмови снимил актерот Џејмс Дин“.

– Тристаидвајсет.

 

 

Значи, ако за Нова година немате пари за леб, јадете колачи!

А кога сме кај колачите, разблажете си го животот во чоколадното цартство Chocol Art, лоцирано во омилената скопска населба Дебар Маало. Супер бутик за колачиња и чоколатца.

Вратете си го градскиот дух овој претпразничен викенд зашто има многу, многу настани. Патем, да ве информираме, в понеделник во МКЦ ( па до 28. декември) ќе има „Мал новогодишен саем на книги“. Ќе можат да се купат книги од издавачите Темплум, Готен, Бегемот, Блесок, Бункер, Чудна Шума, ИЛИ ИЛИ и Артконект.  Набавете си го омилениот подарок за себе за Нова година.

Конечно, ајде заедно да ја разгледаме градската програма низ Скопје и резервитајте си ја сабота за дечињата.

ПЕТОК

10 часот

Добро е да си купиме убава книга по супер цена. Во „Литература.мк.“ на улица Македонија започна празничната магија која ќе трае до 15 јануари 2020 година. Ќе има новогодишна акција на книги за деца и возрасни со попусти до 50 отсто и нови едукативни пакетчиња за деца.

17 часот

За релаксирање после работа може да одите во кафулето „Бруклински“ каде ќе свират  & JUNKYARD. Ако сакате да се одморите после работа, навратете подоцна во „Бруклински“, во 22 часот ќе свири нашиот омилен Тони Китановски. Резервации на 078 337 843.

19 часот

Вода спие, „Литература.мк“ – не. Ќе има промоција на книгата за деца „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ од авторката Катерина Трајановска. Илустрациите се на Калиопи Трпчева. Во средиштето на „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ е детската игра, конкретно, авантурите на главните ликови: Лили, Мечкина Канџа, Змејски Очи, Зиги и Гризли. Оваа приказна не почнува со еден убав сончев ден на ливада, ниту, пак, со викенд на градската плажа. Па, дури ниту со прошетка во продавницата за дрвени играчки. О, не! Таа почнува на најсмешен, најчуден и најневеројатен начин, кога Оливер Томпсон Мекензи III, едно петгодишно дете од Шкотска, одбило да се капе во недела – одлука што длабоко ги вчудовидела и стаписала неговите родители. Оли стоел цврсто на својот став: не прифаќал ниеден компромис и одбивал по секоја цена да ги стави нозете во водата, која, како и обично, мирисала на градина со зрели малини. Дури кога конечно го прашале зошто не сака да се капи, Оли им раскажал на своите родители за еден настан што вклучува една дружина од петмина, една метла, една вештерка, една пита од брокули и, како да ви кажам, еден пар смрдливи чорапи.

Промоторка на книгата ќе биде проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, од Катедрата за општа и компаративна книжевност.

19 часот

Во МКЦ ќе има вистинско културно востание. Почнува фестивалот „Востание“, кој се случува 5та година последователно.

19 часот

Во арената „Борис Трајковски“ ќе се случува Балкански фестивал. Ќе настапат Senidah, Jala Brat и Buba Coreli, Coby, Krisko и Begeton Band и Слаткаристика, односно ќе може да го видите Балканот на едно место. Влезниците се веќе пуштени во продажба, низ продажната мрежа на „купикартизасе“ по цени од: 800, 900, 1000 и 1200 денари. Број за резервации: 074 203 203.

19 часот

Припадниците на католичката вероисповед и сите љубители на хрватска музика да ги потсетиме дека денес во 19 часот ќе има традиционален Божиќен концерт во Католичка црква, во организација на Заедницата на Хрвати во Република Македонија. Концертот ќе се одржи во Катедралата „Пресвето срце Исусово“.

20.30 часот

Во ресторанот „Форца“ почнуваат деновите на шпанска вечер кои ќе траат до недела. Ќе имате можност да уживате во спојување на храна, вино и музика, директно од срцето на Шпанија. Менито ќе содржи специјалитети и вкусови на традиционалната шпанска кујна. Присуството е ограничено и исклучиво со резервација и купување на мени по особа. Резервирајте на: 02 3071 200 | 078 445 068

20 часот

Среќен роденден Happy Cafe!  По повод 15. роденден на “Happy Caffe“ ( на ул. Владимир Комаров, 18) ќе  запее Викторија Лоба. Резервации на 071 321 634.

20 часот

Ако сте за македонска музика, во кафулето „Синдикат“ ќе има „Кирилица парти“, односно вечерта ќе биде посветена само на македонски песни.

20 часот

Кај Маниќот во „Манда“ ќе има забава која, вели, нема да биде клише. За атмосферата ќе се погрижи професионалниот „пуштач“ на музика Баркли.

Специјална промоција:
-3 текили за 100 денари
-Среќен час (happy hour) од 22 до 23 со попуст на сите пијачки

За индикациите, ризикот од употреба и несаканите дејства од консумирање на алкохолни пијалоци, консултирајте се со вашиот матичен шанкер или келнер.

21 часот

Во „Котур“ еве што ќе се случува: PMGJazZ007 Yordan Kostov s o l o koncert A l b u m promo. Тие што разбираат, си знаат.

САБОТА

12 часот

Земете си ги дечињата и не го пропуштајте новогодишниот концерт во Филхармонија, посветен само на децата. На Новогодишната симфониска бајка за деца диригент е Сашо Татарчевски.
Програма: Офенбах, Гуно, Чајковски, Пиерпонт, Строус, Лопез.

12 часот

Во книжарницата на ТРИ во ГТЦ ќе се промовира најновата книга на познатата авторка, новинарка и активист Ана Јовковска – „Сакам, значи постојам“. Таму сме и ние. Интервјуто со Ана Јовковска прочитајте го – ТУКА. 

 

12 часот

Ако сте пак, за друг тип на забава со децата, во исто време на друго место ќе се забавувате со Петко и Фамилија 5. Поточно, со Петко, Лина, Цветко, Комшо, Ана, Марија, Детективот, Тетка Душка и Дедо Менде. Забавата ќе се случува пред новата Телеком продавница (Телеком Управна зграда, плоштад Македонија), а ќе има многу дружење, играње и пеење.

13 часот

А-ха, ова мора да се види и поддржи – Скопје и скопјани ќе се обидат да го урнат рекордот од најголема елка во светот направена од луѓе. Плоштадот Македонија ќе биде местото каде што скопјани ќе се обидат да го вметнат својот град на светската Гинис мапа. Поддржете го и вие со вашето присуство обидот за нов Гинисов рекорд.

14 часот

Во Кинотека, до 18 часот, не ги пропуштајте филмчињата за деца, а влезот е бесплатен.
На деветото издание на „Анимакс Скопје Фест“ ќе може да ги гледате најдобрите анимирани остварувања за деца од целиот свет. Ќе може да гласате за најдобриот анимиран филм за да му се додели наградата „Златна Тула“.

17 часот

ЗА СИТЕ ФАНОВИ НА КОШАРКАТА: Лидерот МЗТ Скопје Аеродром ја има фаворитската улога во СЦ „Јане Сандански“ против МЗТ Скопје Уни Банка. „Металците“ оние повозрасните со нови бодови ќе ја продолжат трката за шампионската титула во Првата македонска кошаркарска лига.

19 часот

Во нашиот омилен театар, Театарот за деца и младинци, погледнете ја претставата „Црвенкапа“.
Уште една бајка за која не треба да се трошат зборови, зашто нема дете на кое не му е позната приказната за девојчето, кое одејќи на пат кон куќичката на нејзината баба, во шумата налетува на волкот. Во драматуршката предлошка на Александар Поповиќ се појавува ликот на Иванка, која не постои во оригиналната приказна. Иванка е палавата другарка на Црвенкапа и во нашата претстава сосема солидно е одиграна од Винета Дамческа. За Ана Левајковиќ-Бошков, која ја толкува улогата на Црвенкапа, што и да се каже ќе биде премалку за да се опише нејзиното соживување со добро познатиот лик. Можеби најмаркантниот лик во оваа претстава е ликот на Волкот, одигран од феноменалниот Владимир Лазовски. Режијата е на Димитар Христов.
Играат: Ана Левајковиќ Бошков, Винета Дамческа, Катарина Илиевска Силјановска, Марија Ѓорѓијовска, Владимир Лазовски, Драган Довлев.

20 часот

Во Музејот на современата уметност пристигнуваат светски етаблирани уметници и ќе се отвори изложбата „Сè што ни е заедничко“. Кураторки на поставката се Мира Гаќина и Јованка Попова.

Во рамки на изложбата со свои дела, уметнички инсталации, видеа, скулптури, перформанс и фотографии ќе се претстават 12 уметници од земјава и светски признаени автори, кои денес изложуваат во сите водечки уметнички центри низ светот како Тејт, Гугенхајм, Мома Њујорк…

НЕДЕЛА

10 часот

Колегата Фидан вели вака: Ќе се случува турнир во АБА јуниорска конкуренција (У17): Освен првенствените возбудувања, овој викенд две наши екипи во женска конкуренција ќе се појават и на меѓународна сцена. Бадел 1862 и Струга 2009 против двоецот од Славонски брод во Спортската сала „Независна Македонија“ – Кисела Вода. 10.00 часот ЖКК Бадел 1862-ЖКК Брод 12.00 часот ЖКК Струга 2009-ЖКК Брод на Сави 14.00 часот ЖКК Брод-ЖКК Струга 2009 16.00 часот ЖКК Бадел 1862-ЖКК Брод на Сави.

12 часот

На Плоштадот Македонија може да ја бодрите Новогодишна трка во дедомразовски костуми. А може и да се пријавите за трката, се уште имате време, до денес. Линк за пријавување – ТУКА. Цената за учество изнесува 300 денари со вклучен дедомразовски костум. Пријавување без костум чини 200 денари. Трчањето во дедомразовски костум е задолжително за сите учесници во трката.

13  часот

Омилениот „Нано бар“ продолжува со македонската традиционална кујна, а овојпат може да дегустирате пача со туршија.

19.30 часот

Во Националната Опера и Балет, за првпат пред македонската јавност, “Љубојна” ќе одржи акустичен концерт! Ние сме таму, а вие? Влезници во продажба www. kupikartizase.com и во „Југотон“.

20 часот

Љубители на велосипеди, еве ви можност да се дружите. Ќе се случува „бајкерска забава“ во кафулето „Че“. Ќе „паднат“ и добри муабети, освен забава.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот