Шолц ќе составува коалиција „семафор“ до Божик

Олаф Шолц / Фото: EPA-EFE/MAJA HITIJ/ POOL

Социјалдемократскиот лидер Олаф Шолц најави дека неговата СПД (црвените), веднаш ќе почне преговори со ФДП (жолтите) и со зелените, за формирање на трипартитна коалиција популарно наречена „семафор“, при што до Божик би ја презел канцеларската функција

Охрабрени од тесната победа, но и поволната распределба на пратеничките места во Бундестагот, германските социјалдемократи се убедени дека ќе успеат да формираат влада заедно со слободните демократи и зелените.

Социјалдемократскиот лидер Олаф Шолц најави дека неговата СПД (црвените), веднаш ќе почнат преговори со ФДП (жолтите) и со зелените, за формирање на трипартитна коалиција популарно наречена „семафор“, при што до Божик би ја презел канцеларската позиција на која во изминатите 16 години беше демохристијанката Ангела Меркел.

И покрај нејзината поддршка за Армин Лашет, кој ја наследи на партиското кормило, Христијанско-демократската унија оствари досега најслаб резултат на изборите. Конзервативците никогаш не освоиле помалку од 30 отсто од гласовите, а сега само 24 отсто.

– СПД е многу радосна. Гласачите јасно се произнесоа. Тие ги засилија трите партии, социјалдемократите, зелените и ФДП и затоа тие дадоа јасен мандат дека овие партии треба да ја формираат идната влада – изјави Шолц во обраќањето до симпатизерите во партискиот штаб во Берлин.

Според неофицијални податоци од изборната комисија, СПД освоила 25,7 отсто од гласовите, а коалицијата на сестринските демохристијански партии ЦДУ-ЦСУ освоила 24,1 отсто. Зелените се на третото место со 14,8 отсто од гласовите, а ФДП освои 11,5 отсто.

Пресликано во пратенички места во Бундестагот, СПД ќе доминира со 206, пред ЦДУ-ЦСУ со 196, Зелените со 118, ФДП со 92, додека екстремната десничарска партија Алтернатива за Германија ќе има 83 пратеници. Неочекуваниот слаб резултат од само 39 освоени места ја истисна од калкулациите за мнозинство левичарската партија Линке, а еден пратеник ќе има партијата на националното малцинство Здружение на Јужен Шлезвиг, за која не важи прагот од 5 отсто.

Калкулациите потврдуваат дека коалицијата „семафор“ би имала поддршка од мнозинството со вкупно 416 пратеници, но за да биде формирана Шолц ќе мора да ги убеди своите потенцијални партнери да ги надминат идеолошките разлики – ФДП важи за партија што го поддржува бизнисот, а приоритет на зелените е чистата средина. ФДП и зелените уште во неделата вечер најавија дека прво ќе разговараат едни со други за да ги дефинираат полињата за компромис, а дури потоа ќе преговараат со СПД или со конзервативците.

Шолц, сепак, изрази надеж дека идната влада ќе биде биде усогласена најдоцна до Божик. До тогаш канцеларка би останала Меркел. Сегашната голема коалиција беше формирана по шест месеци преговори.

Конзервативците ќе мора да чекаат како ќе се развијат преговорите на противничките партии, но веќе објавија дека се спремни самите да формираат влада со ФДП и со Зелените во коалицијата „Јамајка“ согласно со партиските бои. Ако пропаднат обидите и на двете водечки партии, не се отфрла, како крајна можност, повторно коалицирање на СДП и ЦДУ, како што беше и досега. Шолц веќе беше на клучната функција министер за финансии во кабинетот на Меркел.

Инвеститорите, пак, се охрабрени што во главните напори за коалиции се комбинира со партијата ФДП, која е ориентирана кон бизнисот, а не со Линке, која во кампањата се залагаше за зголемување на даноците за богатите и за наследството. Како реакција на резултатите, се зголеми вредноста на акциите на германските берзи.

– Од пазарна перспектива, добри вести се дека дури и математички не е возможна левичарска коалиција. Преостанатите партии имаат доволно заеднички платформи за да изнајдат компромис. На крајот, веројатно поважни ќе бидат имињата на министрите отколку политиките – оцени Јенс-Оливер Никлаш, економист од „Ланденсбанк Баден-Виртемберг“.

Ако Шолц успее да состави влада, тој би бил четвртиот социјалдемократски канцелар во поствоена Германија. Претходниот беше Герхард Шредер, кој во 2005 година ѝ ја предаде позицијата на Меркел.

Распределба на министерските позиции ќе биде последната фаза од преговорите за формирање влада, но уште отсега се најавува дека при евентуална коалиција „семафор“ зелените би го добиле шефот на дипломатијата, како што беше Јошка Фишер во владата на Шредер. ФДП би инсистирала на контрола на Министерството за финансии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот