Шмихал се сретна со Шолц во Берлин
Украинскиот премиер Денис Шмихал денеска разговараше со германскиот канцелар Олаф Шолц за билатералната соработка и развојот на заедничкото воено производство.
Препорачано
„Продуктивна билатерална средба со Олаф Шолц. Се разговараше за клучните аспекти на соработката меѓу нашите земји: Безбедноста, финансиите, санкциите, хуманитарната сфера, европската интеграција“, рече Шмихал, пренесува Укринформ.
Тој додаде дека разговарал за праведен и траен мир со Шолц, истакнувајќи дека членството на Украина во НАТО е „единствената ефективна алатка која може да го запре повторувањето на агресијата“.
„Друг безбедносен аспект е воената опрема. Разговаравме за развој на заедничко воено производство. Со Германија имаме најмногу проекти од ваков вид, особено поправка и одржување на оклопни возила и тенкови, производство на современи системи за противвоздушна одбрана. “, нагласи Шмихал.
Тој додаде дека разговарал и за зајакнување на економската соработка и иницијативи кои ќе го зголемат БДП на двете земји.
„Ја цениме сета поддршка што Германија ја дава за реформите на Украина и приближувањето на нашата земја кон ЕУ“, нагласи украинскиот премиер.
Тој ѝ се заблагодари на Германија за приклучувањето кон иницијативата на Г7 за поддршка на Украина преку користење на замрзнати руски средства во вредност од 50 милијарди долари, пренесува Танјуг.


