Шверцери/Shvercerat Shkup

Шкупи е во сериозна криза – од клубот се откажаа и навивачите

Фудбалскиот клуб Шкупи се наоѓа во длабока криза и сезонава е пред сериозен предизвик да го сочува прволигашкиот статус, со оглед на тоа што проблемите кои го следат од самиот старт на шампионатот продолжуваат и во пролетниот дел.

Во пресрет на продолжението на Првата македонска фудбалска лига, кое стартува овој викенд, најверната навивачка група „Шверцери“ излезе со јавно соопштение во кое најави бојкот на натпреварите, сè додека не дојде до промени во управувањето со клубот.

Клучното барање на навивачите е целосно расчистување на сопственичката структура, односно официјално префрлање на клубот од актуелниот сопственик Јасин Коњали на новиот, кој во моментов има статус на „вршител на должност“.

„На заедничкиот состанок одржан во понеделникот, групата навивачи „Шверцери“ донесе одлука, сè додека не се разјаснат одредени прашања, да нема организирани активности и поддршка на натпреварите на ФК Шкупи…“, се наведува во соопштението, во кое се изразува сериозна загриженост за начинот на функционирање на клубот.

Навивачите посочуваат дека немаат ништо лично против Беким Бафтијари, кој моментално ја води организацијата на клубот, но нагласуваат дека додека името на Коњали сè уште се води како сопственик, како и поради повторното појавување на одредени контроверзни лица од есенскиот дел од сезоната, нивната недоверба останува.

Во соопштението се потенцира дека „Шверцери“ се подготвени веднаш да почнат разговори за нормализирање и активирање на своите капацитети во моментот кога сопственоста официјално ќе биде префрлена, со единствена цел клубот повторно да се врати на вистинскиот пат.

Истовремено, тие уверуваат дека нема да го попречуваат работењето на клубот и апелираат до сите навивачи да останат смирени и да не преземаат чекори кои би можеле да му наштетат на Шкупи.

По одигрувањето на првиот дел од сезоната, Шкупи се наоѓа на последното место на табелата со само еден освоен бод, што дополнително ја отсликува сериозноста на ситуацијата во која се наоѓа клубот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот