Шкендија си ја сече гранката на која „растеше“
Тетовскиот клуб својата висока резултатска репутација и меѓународната афирмација ја постигна преку успесите на македонската фудбалска сцена. Нашава фудбалска средина е полето на кое Шкендија „растеше“. Па зошто тогаш покажува крајно непочитување и навредливо се однесува кон таа средина?
Финалето на Купот на Македонија наместо празник на фудбалот се претвори во скандалозен настан, предизвикан од однесувањето на навивачите и на фудбалерите на Шкендија. Македонската химна беше исвиркана од навивачите на тетовскиот клуб, а фудбалерите на Шкендија не си ги зедоа сребрените медали на церемонијата на доделување на трофеите.
Препорачано
Шкендија покажа непочитување кон фудбалската средина и кон земјата во која се афирмира како клуб и оствари завидни успеси. Вџашувачки е колку незрело и без причина навредливо беше однесувањето на Шкендија по финалето, откако го изгуби натпреварот.
Зошто беше потребно апсурдното и очигледно одбивање на играчите на Шкендија да ги примат сребрените медали, да покажат непочитување кон противникот, кон организаторот и кон целата спортска јавност во Македонија.
Зарем е толку тешко да се согледа дека ваквиот навредлив чин е штетен за сите, по секоја основа? Штета за самата Шкендија, која сигурно ќе биде казнета од ФФМ, штета за односите во домашната фудбалска зaедница, за организаторот, за угледот на домашниот фудбал, па во поширока смисла и за меѓуетничките односи во Македонија. И сето тоа без видлива потреба или некоја провокација што ја истрпил клубот од Тетово.
Тетовскиот клуб својата висока резултатска репутација и меѓународната афирмација ја постигна преку успесите на македонската фудбалска сцена! Нашава фудбалска средина е полето на кое Шкендија „растеше“. Па зошто тогаш покажува крајно непочитување и навредливо се однесува кон таа средина?
Немаа играчите и управата на тетовскиот клуб никаква причина да бидат огорчени. Финалето го изгубија откако Силекс заслужено беше подобар. За неутрален и објективен посматрач необјаснив е ваквиот навредлив однос кон средината во која „си израснал“.
Шкендија самата си ја сече гранката на која седи и тоа прилично удобно, штета ќе биде ако си ја исече, затоа што потоа следува падот, што не би било добро ни за тетовскиот клуб, ни за нашиот фудбал воопшто.
Којзнае, во ова бескрупулозно време во кое живееме, причината за ваквото однесување, за да се објасни, можеби треба да се бара и зад завесата, ако спортската сцена се користи за цели кои се далеку од спортски. Не би било првпат, ако е така. Се надеваме дека овојпат тоа не е случај.
Патем, „оправдувањето“ што стигна од клубот дека целата работа била недоразбирање, е апсурдно, дури и смешно. Очигледно беше дека фудбалерите имаа доволно време да ги примат медалите, но, некој реши да не го сторат тоа. Да им веруваме на сопствените очи или на „објаснувањето“ на тетовскиот клуб?
Навредливото однесување на навивачите на Шкендија кои најдоа за потребно да ја исвиркаат химната на сопствената земја, е приказна за себе. Трагична приказна. Исвиркување која било химна секогаш без исклучок, кој било да го прави тоа, е чин на краен примитивизам, вреден само за осуда.
За голема жал, не е првпат во Македонија на спортски натпревар да се исвиркува химна и да се упатуваат навреди на национална основа. Во конкретниов случај, тоа се навреди кон сопствената земја, што остава посебна горчина кај секој добронамерен граѓанин на Македонија, без разлика на етничката припадност.
Фудбалската федерација на Македонија најави ригорозни казни за скандалозното однесување на финалето на Купот на Македонија.
Во нормативните акти на ФФМ јасно стои дека клубот во вакви ситуации е одговорен за однесувањето на своите фудбалери и навивачи. Федерацијата мора да покаже дека ваквото однесување не може да се толерира.
Спортската манифестација која што обично би била повод за радост и забава на јавноста, овојпат се претвори во настан кој предизвика крајно непријатно чувство, со сè уште нејасна разврска.
Сезоната сè уште не е завршена, во последното коло Шкендија повторно ќе игра на арената „Тодор Проески“, овојпат против Вардар, кој веќе ја обезбеди титулата во првенството. По овој настан, останува загриженост кај добронамерните, како ли ќе мине тој меч? Затоа што „реприза“ на Купот навистина никому не му е потребна.


