Шилегов: Експанзијата на комарци се должи на влажниот август

Од понеделник ќе се врши терестрична дезинсекција на подрачјето на Скопје против возрасни форми на комарци, која ќе заврши најдоцна до петок, 4 септември. Прскањето од земја ќе се врши во периодот од 9 до 3 часот, наредниот ден. Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, прскањето ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни.

Како што истакна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на вчерашниот брифинг со новинарите, годинава е прскано во пет наврати. Секое прскање со хемија е штетно и поради тоа посочи дека не може да се врши многу често.

Според него, годинашната експанзија на комарци во август се должи на највлажниот август во изминативе 50 години. Проблемот е регионален и треба да се вклучат сите засегнати страни.

– Претходно немавме проблем до толкава мера. Мора најмалку десет дена да поминат додека повторно да се изврши прскање против комарците поради тоа што е штетно за здравјето на луѓето. Сепак, очекувањата се дека конечно ќе се реши проблемот – рече Шилегов.

Тој информира дека Градот Скопје не е надлежен да врши запрашување против комарци на своја рака, туку тоа се прави координирано со останатите институции, под надзор на Центарот за јавно здравје.

– Во јануари секоја година добиваме извештај од Центарот за јавно здравје, по кој се раководиме во однос на прскањето и кои се местата што треба да се мапираат. Градот ова не го прави сам на своја рака, туку во координација со повеќе институции. Сѐ е под надзор на Центарот за јавно здравје. Целото запрашување е координирано меѓу повеќе институции, ние не можеме да излегуваме надвор од тие насоки што ги добиваме од Центарот за јавно здравје. Самата постапка на запрашување е под надзор на Центарот за јавно здравје, претставници на Центарот. Не можеме да правиме импровизација, бидејќи ова директно ги засега 700 илјади жители на скопската котлина – додаде градоначалникот.

Шилегов појасни дека Градот Скопје функционира исклучиво во рамките на свои административни граници, не и во делот под ингеренции на останатите општини.

– Ние како Град Скопје може да функционираме исклучиво во рамките на административни граници, но од општините кои се дел од Скопската котлина, ниту еднаш годинава нема спроведено запрашување. Тоа се Сопиште, Арачиново, општини што се природен дел од градот, но не учествуваат активно во оваа битка што ја почнавме заеднички, што значи дека токму затоа нашата битка е осудена на парцијален успех – рече Шилегов.

Николина Соколовска од Центарот за јавно здравје истакна дека ниту една од овие мерки не ги уништува комарците целосно, туку само ги сузбива односно ги намалува. Според неа, сите општини, и градски и приградски, мора да се централизираат за да се реши проблемот.

– Комарец лета од 5 до 50 километри на ден. Ние ќе имаме проблем сѐ додека во целост сите заеднички навремено не си ги извршуваат своите обврски, односно сите општини и градски и приградски. Мора централизирано да се решаваат проблемите. Ние како Центар за јавно здравје до сите општини доставуваме елаборати до 31 јануари и тоа го планираат на Советот во буџетот да се спроведе, но дотука е нашата обврска – рече Соколовска.

Годинава проблемот во Скопје со комарците е голем, иако Градот петпати досега спроведе прскање. Граѓаните од сите делови на градот се жалат од инсектите и бараат решение и помош од надлежните. /А.С.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот