Босански Србин ќе оди во затвор, позирал со четничка тетоважа покрај масовна гробница
Окружниот суд во Бихаќ, Босна и Херцеговина, осуди 28-годишен Србин од земјата на шест месеци затвор, поради провокација и предизвикување верска и национална нетрпеливост. Тој е прогласен за виновен откако позирал со тетоважа од четнички симболи и иконографија покрај масовна гробница на жртви од војната во БиХ, објавија босанските медиуми. Казната е двојно пониска од онаа која ја одредил првостепениот суд.
Препорачано
Драго Тенџериќ од Босанска Градишка е осуден за поттикнување национална, расна и верска омраза, откако во првостепената постапкадоби една година затвор, која апелацискиот суд ја преполови.
Во јануари 2023 година, во областа Ланиште во близина на Кључ во северозападна Босна, Тенџериќ се фотографирал со три кренати прсти покрај плочата што ја означува масовната гробница „Ланиште 1“.
Во 1992 година, припадници на војската на босанските Срби убиле и закопале цивили од околните села на општина Кључ, кои претходно ги притвориле, на таа локација. За време на ексхумацијата извршена по војната, во гробницата Ланиште 1 биле пронајдени телата на 188 жртви.
На тоа место, Тенџериќ го замолил пријателот со кого бил да го фотографира со кренати три прста и подигната кошула за да можат да се видат тетоважите нацртани на неговиот грб, со ликовите на Дража Михајловиќ и на четничкиот војвода Момчило Ѓуиќ.
„Свесен дека предизвикува верска омраза и нетолеранција кај составните народи што живеат во Федерацијата и сакајќи да го стори тоа, на 22 јануари 2023 година, тој јавно објави таква фотографија од себе на својот Фејсбук профил и ја постави како насловна слика што беше објавена и на неговиот Инстаграм профил. Целта беше инкриминирачката фотографија да биде прикажана во речиси сите електронски и печатени медиуми во округот и Федерацијата на БиХ. Тоа предизвика вознемиреност на целата територија кај граѓаните на Федерацијата на БиХ, а особено кај Бошњаците, граѓаните на општина Кључ и населбата Биљани“, наведува Обвинителството.
Осудениот Тенџериќ нема право да поднесе жалба на пресудата, но нема да мора да оди во затвор ако одлучи да плати 50 евра за секој ден од казната.


