Шенка и Ѓорѓи Колозови / Фото: Фејсбук/Страница за Ѓорѓи Колозов

Откриени детали од животот на Ѓорѓи и Шенка Колозови, еден ден пред нејзиниот 79. роденден

Детали од животот на Шенка и Ѓорѓи Колозови се споделени на фејсбук-страницата која го одржува споменот на нашиот легендарен актер.

Шенка Колозова вчера наполни 79 години. Таа никогаш не престана да тагува по својот Ѓорѓи, легендата од „Македонски народни приказни“, кој почина на 23 октомври 2003 година.

„Намерата ни беше да направиме еден спонтан, домаќински муабет со Ѓорѓи и Шенка Колозови, познати артисти, телевизиски лица… Поводот пак беше првата видеокасета наречена ‘Женска итрина’, со една драматизирана приказна од арсеналот на Цепенков, а во која играат тие. А излезе… Колегите, партнери и брачни другари Шенка и Ѓорѓи, велат, најчесто имаат спротивставени мислења. Како тоа изгледа, видете и сами!

Ѓорѓи: Кај нас конфликтот е околу духот во ‘Македонските приказни’. Јас инсистирам на ‘дебел’, тежок архаизам…

Шенка: Ти не инсистираш на архаизам, туку на турцизам!

Ѓорѓи: Напротив! Само кај нас архаизмот е најчесто турцизам, зашто…

Шенка: Не се сложувам!

Ѓорѓи: Па тогаш кој е архаизмот? Ние не сме имале влијание од Англичаните за да имаме… Та петстотини години сме биле под Турците…

Шенка: Тоа не е оправдување… А јас не се борам само против турцизми, туку и против некои нови архаизми од типот „џинџифит“, контрадикторност, аконтација… Тоа малку пречи и кога ќе го прочиташ во весник, а пак како дел од уметност… Ама Цепенков е сепак 19 век.

Ѓорѓи: Па што можеме ние кога и гледачите…

Шенка: Остави ги гледачите! И тие знаат да реагираат на претераноста во емисиите и во претставите базирани на македонските приказни’…

Ова е дел од разговорот помеѓу брачните партнери и наши најомилени ТВ лица, Ѓорѓи и Шенка Колозови, пренесен од тогашниот популарен ‘Екран’, 1989 година“, напиша еден ден пред роденденот на Шенка Горан Марковски, администраторот на страницата на Ѓорѓи Колозов.


Во друга објава, тој ѝ честиташе роденден на Шенка Колозова со овие зборови:

„Среќен 79. роденден на Шенка Колозова, царицата на македонските народни приказни! Славиме 79 години живот и дело на жената што му даде душа на македонскиот народен фолклор.

Родена е на 1 февруари 1947 година во Добрево, Пробиштипско. Од родители Стоица и Катерина Станојкови. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1968 година стапува во брак со Ѓорѓи Колозов. Се раѓаат ќерките Катерина и Кристина.

Шенка целиот работен век го поминала како професионален актер во театрите во Штип и Куманово, а подоцна и во Македонскиот народен театар во Скопје, од каде што се пензионирала. Зад себе остави: над 100 премиери, повеќе од 6.000 изведби, десетици антологиски улоги: ‘Свирачот на покрив’, ‘За сите мои синови’, ‘Електра’, ‘Сè за градината’, ‘Печалбари’… авторства и драматизации, меѓу кои и народните приказни на Цепенков. Играла во бројни ТВ драми, емисии, филмови и серии… Но, за публиката – таа засекогаш ќе остане единствената царица од ‘Македонските народни приказни’, култниот серијал создаден од неа и нејзиниот сопруг Ѓорѓи Колозов.

Добитничка е на бројни награди и признанија, меѓу кои: Награда на фестивалот ‘Војдан Чернодрински’ (1971), ‘Гран при’ (2006), ‘Св. Јоаким Осоговски’ (2012), Почесен граѓанин на Пробиштип (2017), Награда за животно дело ‘Васил Иљоски’ (2020), Награда за животно дело за театар ‘Колозов’ (2021).

Среќен роденден, Шенка! Ти благодариме за приказните, сцената и бесмртниот траг во македонската култура.

Илустрација и текст: Горан Марковски“, стои на Фејсбук-страницата за Ѓорѓи Колозов.

ФОТО | Потег за пофалба: Насликан мурал со Ѓорѓи Колозов во едно скопско кафуле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот