Шаќири: Не ми е важно како, наставната програма сакам да се реализира

На училиште во време на ковид. / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Ќе инсистирам наставата од основните и средните училишта да се реализира, без разлика на кој начин тоа ќе се направи. Очекувам СОНК да најде начин да ги надомести изгубените часови на учениците за време на штрајкот, вели во изјава за Слободен печат министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

– Дали надоместувањето на изгубените учебните денови ќе биде на штета на учениците во моментов не можам да кажам, бидејќи и самиот не знам кој начин ќе биде избран, односно дали ќе се воведат неколку работни саботи или пак ќе се продолжи учебната година за ист број на денови колку што беа изгубени поради штрајкот. Мене ми е важно наставната програма да се реализира во целост. Очекувам предлог од СОНК и од Бирото за развој на образование по што тој предлог ќе се достави до Владата на усвојување. Во текот на денот, најдоцна до вечер ќе се знае дали учениците утре ќе се вратат на настава. Според мое очекување СОНК конечно ќе донесе позитивна одлука, рече Шаќири.

Од друга страна, родители на ученици  остро реагираат на можнотста учебната година да биде продолжена во текот на јуни.

– И да се донесе таква одлука јас моето дете во јуни не го пуштам на училиште. Нема да го пуштам ниту во сабота. Не смеат наставниците да добијат покачување на плати врз грбот на учениците. Од една страна ги оставија дома кога најмалку требаше, а од друга страна сакаат да им го скратат летниот распуст, тоа не е во ред, реагира Тања, мајка на првооделенец.

Нејзиното мислење го делат и други родители. На социјалните мрежи веќе се повикува МОН да размисли за третманот на учениците и да не се избрзува со донесување на одлука бидејќи како што велат, може да се соочат со бојкот на наставата доколку ја има после десетти јуни.

– Во одделенеито на син ми сите родители се согласни дека нема да се пуштаат децата на настава по десетти јуни. Треба на МОН и СОНК да им биде јасно дека не може на штета на учениците да си ги остварат барањата за платите, вели Билјана чија ќерка е трето одделение.

Наставниците не само што добија покачување на платата за 12 проценти, туку и добија ветување дека до крајот на 2023 година ќе се воведе регрес на плата за наставниот кадар, а ќе се усогласи и методологијата за целиот сектор образование од први јануари 2023 година. 

Министерот за образование не даде прецизен одговор дали на наставниците кои штрајкуваат ќе им бидат исплатени платите.

– Одговорноста за платата на наставниците не е кај Министерството за образование. Платата се калкулира од страна на директорите на училиштата, по што пресметката се праќа до општините, а ние одобруваме блок дотации за општината. При исплатата на плати строго ќе се придржуваме до законските рамки, кратко одговори Шаќири.

Се уште се очекува да биде донесена конечна одлука за прекин на штрајкот. Одлуката ќе биде донесена по консултациите што раководството на СОНК треба да ги направи со членството по што ќе се знае дали се задоволни со понуденото зголемување на платите од 12 проценти со јулската плата.

Според Владата, зголемувањето на платите од 12 проценти нема да претставува ризик од дополнителна инфлација и нема да се одрази на нормалното сервисирање на обврските од Буџетот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот