Фото: EPA/JALAL MORCHIDI

Сенегал ја доби казната за скандалот во финалето од Африканскиот куп на нации

Африканската фудбалска конфедерација (КАФ) ја соопшти конечната одлука по хаотичното финале на Африканскиот куп на нации меѓу Мароко и Сенегал. Титулата останува кај Сенегал, а финалниот натпревар нема да биде поништен.

Фудбалската организација на африканскиот фудбал го суспендираше селекторот на Сенегал, Папе Тијав, на пет натпревари и му изрече парична казна од 100.000 долари поради „несоодветно спортско однесување“ поради наредбата што им ја дал на неговите фудбалери да го напуштат теренот за време на финалето против Мароко.

Дополнително, Фудбалската федерација на Сенегал е казнета со 615.000 долари за однесувањето на екипата и навивачите, додека репрезентативците Илиман Ндиаје и Исмаил Сар добија суспензија од по два натпревари под ингеренција на КАФ, поради недолично однесување кон судијата.

Дисциплинската комисија на КАФ, сепак, го одби барањето на Мароко за поништување на резултатот, иако сенегалските играчи го напуштија теренот, што предизвика прекин на мечот од околу 14 минути.

Ниту домаќинот не помина без санкции. Мароко е казнет со вкупно 315.000 долари поради неспортското однесување на играчите кои намерно ја задржувале топката, инцидентите во ВАР-зоната, како и поради користењето ласери од страна на навивачите.

Капитенот на мароканската репрезентација Ашраф Хакими доби суспензија од две натпревари, додека Исмаел Саибари е казнет со три натпревари, откако двајцата се обиделе да му го одземат пешкирот на сенегалскиот голман Едуар Менди за време на силниот дожд во Рабат.

Инцидентите кулминираа кога Тијав им нареди на своите играчи да го напуштат теренот по поништениот гол на Сенегал. Неколку минути подоцна, Мароко доби пенал, но Брахим Дијаз не успеа да реализира. На крајот, Сенегал стигна до победата со голот на Папе Геје во продолженијата.

ВИДЕО | Драма и хаос во Мароко: Сенегал сакаше да го напушти теренот, а на крај го освои Африканскиот Куп на Нации

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот