Фото: EPA-EFE/CHRIS KLEPONIS/ POOL

Сенатот денеска решава дали да му ги врзе рацете на Трамп за Венецуела

По апсењето на Мадуро, се појавуваат пукнатини во редовите на републиканците – дел од нив, кои претходно ја блокирале резолуцијата, сега отворено изразуваат сомнежи и размислуваат да гласаат против понатамошни воени акции во Венецуела без одобрение од Конгресот, изјави сенаторот Ренд Пол, републиканец од Кентаки и спонзор на резолуцијата.

Американскиот Сенат денеска треба да разгледа резолуција со која би се спречил претседателот Доналд Трамп да преземе понатамошни воени дејствија против Венецуела без одобрение од Конгресот, а поддржувачите велат дека мерката би можела да помине со тесно мнозинство, објави „Ројтерс“.

Неколку дена откако американските сили го заробија венецуелскиот претседател Николас Мадуро во драматична воена акција во Каракас, сенаторите ќе гласаат за најновата од серијата резолуции за воените овластувања, поднесени откако администрацијата го зголеми воениот притисок врз земјата со напади врз бродови крај нејзиниот брег во септември.

Републиканците ги блокираа сите овие мерки, но последното гласање заврши со резултат 49–51, откако двајца сенатори од партијата на Трамп им се придружија на демократите во поддршката на резолуцијата во ноември. Во тоа време, претставници на администрацијата им кажаа на законодавците дека не планираат промена на режимот или напади на венецуелска територија.

Падот на Мадуро: Путин остана само нем набљудувач

По заробувањето на Мадуро, некои законодавци ја обвинија администрацијата дека го довела во заблуда Конгресот – демократите јавно, а дел од републиканците зад затворени врати.

– Денеска разговарав со најмалку двајца републиканци кои претходно не гласаа за оваа резолуција, а сега размислуваат да го сторат тоа. Не можам да гарантирам како ќе гласаат, но барем двајца размислуваат за тоа, а некои од нив јавно зборуваат за своите сомнежи – изјави сенаторот Ренд Пол, републиканец од Кентаки и спонзор на резолуцијата, на прес-конференција пред гласањето.

Пол ја даде изјавата стоејќи покрај демократскиот сенатор Тим Кејн од Вирџинија, уште еден од лидерите на иницијативата.

Тој не ги именуваше републиканците. Партијата на Трамп има мнозинство од 53 спрема 47 места во Сенатот.

Претседателот на Колумбија му порача на Трамп: Не го загрозувајте нашиот национален суверенитет, ќе го разбудите јагуарот

 

Усвојувањето во Сенатот би било значајна победа за законодавците кои со месеци го туркаат прашањето за воените овластувања.

Но, за да стане резолуцијата закон, таа ќе мора да помине и во Претставничкиот дом, кој е под контрола на републиканците, а и да преживее очекувано вето од Трамп – што би барало двотретинско мнозинство во двата дома на Конгресот.

Законодавците ги признаа овие пречки, но изјавија дека некои републиканци би можеле да бидат загрижени поради долга и скапа кампања за промена на режимот во Венецуела. Трамп во средата на својата платформа „Трут сошал“ изјави дека сака воениот буџет на САД да се зголеми од 1 трилион на 1,5 трилиони долари.

Кејн истакна дека американските сили со месеци напаѓаат венецуелски бродови и ја спомена изјавата на Трамп дека САД ќе ја „водат“ Венецуела, како и заплените на венецуелска нафта, велејќи: „Ова во никој случај не е никаква хируршка операција за апсење“.

Американскиот Устав бара секој претседател да добие одобрение од Конгресот пред да започне продолжена воена операција.

Сенаторите, кои се противат на резолуцијата за воените овластувања, велат дека апсењето на Мадуро е полициска, а не воена операција.

Мадуро се соочува со судење во американски суд по обвиненија за дрога и оружје, за кои се изјаснил дека не е виновен.

Тие велат и дека Трамп е во рамките на своите права, како врховен командант, да презема ограничени воени акции за кои смета дека се неопходни за националната безбедност.

ВИДЕО: Америка го заплени танкерот кој пловеше под руско знаме – дали Трамп зачекорува на опасен терен?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот