ВИДЕО | Семејството на Џуфре се радува за одлуката принцот Ендру да се откаже од титулите: „Вирџинија сепак беше во право“
Одлуката на принцот Ендру да се откаже од сите кралски титули и почести по откритијата за неговите врски со американскиот сексуален престапник Џефри Епштајн „ѝ дава за право“ на жртвата Вирџинија Џуфре, изјави нејзиното семејство.
Принцот Ендру, помладиот брат на британскиот крал Чарлс Трети, во петокот објави дека се откажува од сите свои титули и почести, вклучително и од онаа војвода од Јорк, а одлуката стапува на сила веднаш. Британските медиуми пишуваат дека одлуката ја донел по силен притисок од кралот Чарлс, кој сака да стави крај на скандалот што со години ја следи британската монархија.
Препорачано
Сепак, Ендру ќе остане принц, бидејќи таа титула ја добил по раѓање како син на кралицата Елизабета Втора.
„Ништо нема да биде исто“
Вирџинија Џуфре беше една од водечките гласови на жртвите на Епштајн пред нејзиното самоубиство во Австралија во април, на 41-годишна возраст. Таа го обвинуваше Епштајн дека ја користел како „сексуална робинка“ во 2000 година, кога имала само 17 години.
Нејзиниот брат, Скај Робертс, изјави дека Вирџинија би била „многу задоволна“ поради тоа што принцот Ендру повеќе нема да носи никакви кралски титули.
„Исплакавме многу солзи и од тага, и од среќа затоа што оваа вест покажува дека Вирџинија била во право“, изјави Робертс.
Тој, исто така, изрази подготвеност да стапи во контакт со британскиот парламент или дури со кралот Чарлс, со цел да се „претстават докази за кои веруваме дека се достапни, за нејзиниот глас и понатаму да се слуша“.
„Таа беше хероина“
„Многу е важно светот да знае каква хероина беше Вирџинија, но и колку уште има да се открие“ за случајот на Џефри Епштајн, кој беше пронајден мртов во затвор во 2019 година, додаде Робертс.
Принцот Ендру се повлече од јавниот живот во 2019 година по контроверзно интервју во кое го бранеше своето пријателство со Епштајн, но обвинувањата против него не престанаа.
Принцот постојано ги негираше обвиненијата, а во 2022 година, тој и Џуфре постигнаа вонсудска спогодба.
Недовршена исповед
Пред нејзината смрт, Џуфре работеше на книгата со наслов „Ничија девојка: Мемоари за преживеано злоставување и борба за правда“ (Nobody’s Girl: A Memoir of Surviving Abuse and Fighting for Justice) заедно со наградуваната авторка и новинарка Ејми Волис.


