Села се пофали: Градоначалникот на Студеничани од ДПА премина во Алијанса за Албанците
Алијанса за Албанците денеска на својот официјален Фејсбук профил објавија дека градоначалникот на Студеничани, Азем Садику, сега е дел од големото семејство на Алијансата.
„Градоначалникот на Студеничани г-дин Азем Садику сега е дел од големото семејство на Алијансата за Албанците. Нему му се придружија и локални структури кои не прифатија пазарење со актуелната власт. Победи праведноста и чистотата!“, напишаа од Алијанса за Албанците.
Садику својата одлука ја оправда со фактот дека бил предаден од неговиот актуелен лидер Мендух Тачи.
„Прво ви кажувам дека останав во ДПА до крај, бев кандидат на ДПА и на изборите победив како кандидат на ДПА. За жал по првиот круг кога победив убедливо против кандидатот на ДУИ, лидерот на ДПА ме продаде многу евтино и се подготвија заедно со ДУИ да ја сменат волјата на Студеничани. Но, наидоа на клинец, иако државниот апарат беше силно ангажиран, со власта, со полицијата, но и покрај нив малку ги зголемија своите гласови со поддршка на Алијанса и со поддршка на граѓаните на Студеничани. Повторно победив на изборите“, рече Садику.
Садику за преминувањето во Алијанса на Албанците: Тачи ме продаде многу евтино на ДУИ во Студеничани