Секуловски: Додека има партии кои договараат на маса како треба да изгледа МРТ, ќе имаме ситуација каде визијата ќе биде тешко да се исполни

Анализата на Метаморфозис, која покажува дека во Јавниот сервис има 755 вработени, а потребни се 1224, од кои новинари се 205 од потребни се 407, според извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, е индикатор дека оние активности кои беа преземени за реформа на МРТ се погрешни и начинот на кои беа договарани некои измени.

-Додека има партии кои договараат на маса како треба да изгледа МРТ, колку вработени треба да има, на колку јазици да биде програмата, каква да биде таа програма…ќе имаме ваква ситуација каде мисијата и визијата ќе биде тешко да се исполнат. Граѓанството, новинарите, јавноста се тие кои треба да разговараат за МРТ а не и политичките партии, оттаму и резултатите поради лошите политики, вели Секуловски.

Тој смета дека раководството во Јавниот сервис е предизвик, но проблемите, вели Секуловски, се слоевити, не е само раководството, туку пред се политичката волја, како и дел од луѓето кои работат внатре и имаат отпор да ги следат трендовите во време на дигитализација.

-Има и потиснати кадри кој не можат да добијат простор, но политичката волја е клучна, вели директорот на ЗНМ.

Тој набројува дека секоја година има ветувања за суштински промени од политичарите, а се случуваат козметички.

-Суштинските подразбираат независно финансирање, кое нема да зависи од ниту една влада или функционер и да има менаџмент избран со консензус, а кој нема да биде прилепен за некоја политичка партија. Значи да има пари добиени на независен начин и пристоен менаџмент кој нема да има релации со ниту една политичка партија, нагласува Секуловски.

Тој меѓу другото зборуваше и за проблемите со кои се соочуваат дописниците во Македонија, односно неинвестирањето од страна на медиумите во теми од локален карактер, како и платите на новинарите, кои често се под просчената во државата.

Неодамна Македонија забележа мал напредок, од три места, во поглед на светскиот Индекс за слобода на медиумите, но како што вели Секуловски, се работи за скок во место.

-Тоа не е напредок туку скок во место. Македонија имаше добри времиња кога бевме некогаш на 36 позиција, денеска сме на 92, но и подобро од 123 место каде што бевме до пред некоја година. Доколку беа прифатени барањата на новинарите, а во насока на поодобрување на законската регулатива и финансирањето на МРТ и другите медиуми, поинаква ќе беше и сликата. Кога некој новинар ќе има подобар стандард, а не вака кога повеќето новинари имаат плата под просечната, не може да се очекуваат поголеми резултати. И сето ова се рефлектира на тој Индекс и затоа Македонија тапка во место, а ние сакаме многу повеќе, изјави Драган Секуловски во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот