Секоја нова изведба открива нови чувства кај танчарката и кореограф Ивана Балабанова

Македонската танчарка и кореограф Ивана Балабанова изминатиов период имаше интензивно претставување на два свои перформанси надвор од државата.

Младата Балабанова е уметнички директор на Културниот центар „Битрикс“, а во изминатиов период се посвети и на сопствениот перформативен развој. Извесен период престојуваше на Конзерваториумот во Каљари, Италија, каде оствари соработка со Алесандро Ола, а потоа два свои перформанси премиерно ги изведе во Загреб.

– Алесандро Ола е композитор и интердисциплинарен уметник кој доаѓа од Каљари, Сардинија, но живее во Барселона, Шпанија. Првата соработка со него, се случи онлајн за време на пандемијата во 2020 година. Во тој момент ја подготвував својата минијатура „Нејзин сопствен простор“ за тогашното издание на „Танц фест Скопје“, па ми беше потребна музика, а на предлог на Јасмина Билаловиќ, директорката на КСП „Центар-Јадро“, стапив во контакт со него. Тој побара да му испратам неколку од своите танцови видеа и мојата работа многу му се допадна, па веднаш ми испрати музичко парче. Уште тогаш бев воодушевена како се разбравме преку телефон за она што ми е потребно и колку брзо и квалитетно успеа да ја отслика суштината на самата минијатура и кореографскиот вокабулар. Нешто подоцна Алесандро дојде во Македонија да одржи работилници за звучни пејзажи, па тогаш уште повеќе го зацврстивме нашето пријателство.

– Првиот заеднички и поголем проект го започнавме во 2021, кога тој ме покани на уметничка резиденција во Барселона, каде впрочем ја започнавме работата на она што го претставуваме преку делото „Код#9“. Во меѓувреме со „Нејзин сопствен простор“ бев поканета на фестивалот „Платформа 14“ во Берлин, а потоа, во октомври, Алесандро ја напиша музиката и за „Сирово“, уште еден соло перформанс. Оваа година во март, за време на резиденцијата во Скопје, го завршивме „Код#9“ и заедно со „Сирово“ премиерно ги изведовме во Загреб, на 17 и 18 мај, во „Погон“- Центар за млади и независна култура. Претходно во Каљари, заедно со неговите студенти на мастер програмата за електронска музика, работевме на нивниот завршен мултимедијален проект – објасни Балабанова.

Двата перформанси, иако зборуваат за различни нешта, се одраз на длабока внатрешна слика на Балабанова. „Сирово“ зборува за прекршувањето на идентитетот, за препуштањето на креаторот кон своето творештво со сите предизвици, за откажувањето од идеалот, за грдото во нашминканиот свет.

Перформансот „Сирово“ зборува за прекршувањето на идентитетот, но и за грдото во нашминканиот свет

Делото „Код#9“, пак, е малку поинтимно доживување, прикажано преку едноставна, минимална сценографија, во која ги гледаме само танчарот и две светла над балетскиот под. Изведбата на двата перформанси во Загреб беше поддржана од Министерството за култура на РСМ и Град Скопје, а голема поддршка Балабанова имаше и од КСП „Центар-Јадро“, Центарот „Погон“ и платформата „Кооператива“ од Хрватска. Претставувањето на перформансите надвор од државата значи и нови изведувачки искуства.

– Животот на еден танчар/кореограф се одвива во својата работилница и на сцената. Тие две места некогаш се имагинарен, а некогаш, пак, физички простор, во кој занаетчијата секојдневно доаѓа да работи на своето дело, се додека еден ден не го посети музата. И кога тоа ќе се случи, па и кога ќе никне едно дело, доаѓа потребата истото да се сподели. Не да се изведе пред публика, туку да се сподели, за да живее. Можноста да изведувам по фестивали, е можност моето дело да живее. Во нашата земја, особено оние дела кои се создадени од независната продукција, ретко доживуваат континуитет. Најчесто поради недостаток на финансиска поддршка, но и поради неможноста да се создаде континуитет во танцовите колективи, поради тоа што танчарите мора да работат повеќе проекти за да преживеат! И така, кога ќе се случи да можеш да одиграш едно дело повеќепати, неверојатно е како тоа дело се трансформира кога одново и одново го преживуваш, па откриваш и ти самиот нови детали, пронаоѓаш нови возбудливи нешта и доживуваш и го исполнуваш делото со нови чувства.

Можноста да изведувам по фестивали, е можност моето дело да живее / Фотографија: Горјан Гилевски

– Другата страна на фестивалите, пак, е запознавањето на неверојатни уметници. Еве сега во Каљари, веќе запознав колеги од мојата и други уметнички сфери, со кои разговаравме за понатамошна соработка. Една од госпоѓите кои ги запознав со години била танчар во компанијата „Вупертал“ на Пина Бауш и ме покани во јули да учествувам на уметничка резиденција. Другата, пак, работи на подкасти и е неверојатна актерка и поетеса, па со оглед на тоа дека ме интересира интердисциплинарниот израз разговаравме за тоа заедно да работиме на ново дело во иднина. Прекрасни се тие моменти, кога околу тебе се мешаат звуците на италијански, француски, германски и македонски јазик и различни култури, храна, човечки и уметнички квалитети – открива Балабанова.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 129, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22 мај 2022)

Видео на денот