Секоја четврта фирма за одгледување марихуана ја изгубила лиценцата
Дури 61 фирма добила лиценца за одгледување марихуана за медицински цели откако таква можност е дозволена во 2017 година, пишува „Фокус“ откако овие компании дојдоа во центарот на вниманието на јавноста, по откривањето на пет тони марихуана со потекло од Македонија во село кај српскиот град Крушевац.
Препорачано
„Ви посочуваме дека во периодот од стапување на сила на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции (објавен во Службен весник на Република Македонија 27.12.2017 година) до 3 февруари 2026 година Владата донела одлуки за давање одобрение за одгледување на канабис за медицински цели за 61 правно лице“, одговориле од Владата на прашањето на порталот за бројот на вакви фирми.
Од Владата додаваат дека во моментов има 43 правни лица кои одгледуваат канабис за медицински цели, додека на 14 компании, или повеќе од на секоја четврта што имала лиценца, таа ѝ била одземена.
„Владата за 14 правни лица донела одлуки за одземање одобрение за одгледување на канабис за медицински цели, поради неисполнување на законските услови. Исто така, Ве информираме дека во тек е постапка за одземање на одобренијата за четири правни лица“, велат од Владата за „Фокус“.
Во големата полициска акција во Србија поврзана со рекордната заплена на марихуана, уапсен е и Иван Драгниќ, кој е косопственик на компанија за производство на марихуана регистрирана во Скопје – „Алфафарм“. Македонската полиција и ОЈО ГОКК вчера и денеска претресуваат локации во Скопје и во Струмичко, кои неофицијално се поврзани со компанијата.


