Сефте за Милевски, фудбалерите демонстрираа моќ против Лихтенштајн

Фудбалерите се наоѓаат на само три бода од пласман во баражот за пласман на СП 2022/ фото: EPA-EFE/GIAN EHRENZELLER

Фудбалската репрезентација на Македонија им се врати на победите по трите ремија и го совлада Лихтенштајн со 0:2 во рамки на квалификациите за СП 2022 година со што остана во игра за освојување на второто место во групата Ј.

Ова воедно беше прва победа за Благоја Милевски како селектор на сениорската репрезентација откако во септемврискиот квалификациски циклус три пати одигра нерешено и тоа против Ерменија (0:0), Исланд (2:2) и Романија (0:0).

Прва победа за Благоја Милевски како селектор/ фото: EPA-EFE/GIAN EHRENZELLER

Селекцијата на Лихтенштајн беше идеален противник за прекинување на серијата од три натпревари без победа и тоа фудбалерите го демонстририраа во текот на сите 90 минути.

Избраниците на селекторот Милевски од првата минута тргнаа офанзивно,  постојано се играше на половината на Лихтенштајн, се редеа шанси пред голот на Бухел, а одличната игра во првиот дел ја круниса Дарко Велковски со голот во 39. минута.

Македонските репрезентативци доминираа во сите 90 минути/ фото: EPA-EFE/GIAN EHRENZELLER

По корнерот, настана мешаница во петерецот на Бухел каде најснаодлив беше Велковски и го отвори резултатот.

Претходно свои шанси имаа Трајковски во третата минута, Чурлинов во 11 минута се лизна во шеснаесетникот иако беше во изгледна шанса, а една минута подоцна Милан Ристовски со глава шутираше над голот.

Во 18. минута судијата Франковски го поништи голот на Трајковски. По одбиената топка од голманот таа дојде до Елмас кој веднаш шутираше но на топката налета Трајковски и ја смести во мрежата. Судијата  Франковски го поништи голот поради офсајд на Трајковски.
Како што играа во првото полувреме, избраниците на Милевски продолжија во ист ритам и во вториот дел.

Алиоски повторно се запиша во листата на стрелци/ фото: EPA-EFE/GIAN EHRENZELLER

Доминацијата на теренот беше наградена во 66 минута кога Езџјан Алиоски од пенал зголеми на 0:2 откако претходно Аријан Адеми беше фаулиран во шеснаесетникот на Лихтенштајн. Судијата Франковски по прегледување на снимката покажа на белата точка по што сигурен реализатор беше Алиски.
До крајот, Македонија постигна уште два гола, преку Николов во 74 минута и Чурлинов во 83 минута за конечни 0:4 за прво славје на селекторот Милевски.

Елиф Елмас доминираше на теренот/ фото: EPA-EFE/GIAN EHRENZELLER

Фудбалерите со убедливиот триумф и прикажаната игра во одлична атмосфера ќе го очекуваат и натпреварот на 11 октомври против Германија кој ќе се игра на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Лихтенштајн – Македонија 0:4 (0:1)

„Рајнпарк стадион“ во Вадуз. Стрелци: Велковски 39′, Алиоски 66′ , Николов 74′, Чурлинов 83′.

ЛИХТЕНШТАЈН: Бухел, С. Волфингер (од 61′ Јилдиз), Малин, Кауфман, Хофер, Гопер, Селе (од 75′ Бухел), Волфингер (Гринефелдер 79′), Хеслер, Фрик, А. Фрик

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, С. Ристовски (од 76′ Ракип), Велковски (од 76′ Зајков), К. Ристевски, Алиоски (од 70′ Б. Николов), Адеми (од 70′ Ашковски), Спировски, Елмас, Трајковски, Чурлинов, М. Ристовски (од 61′ Миовски).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот