Седум години од смртта на Србо Ивановски, еден од најзначајните македонски книжевни автори

Србо Ивановски е еден од најзначајните македонски книжевни автори. Неговиот опус опфаќа поезија, раскази, романи, драмски текстови и детски книги. Роден е во 1928 година во Штип. Дипломирал на групата Јужнословенска книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје. Во литературата се јавува по Втората светска војна. Работел како уредник во Телевизија Скопје. Тој е член и поранешен претседател на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) од 1949 година, како и член на македонскиот ПЕН-центар.

За своите дела, Ивановски е добитник на наградите „Кочо Рацин“, „13 Ноември“ и „Стале Попов“. За поемата „Елена“ во 2006 година ја добил наградата „Григор Прличев“. За целокупниот поетски опус, во 2008 година ја добил наградата „Книжевно жезло“, што ја доделува ДПМ. За српското издание на неговата книга песни „Маѓепсан патник“ во 1976 година ја добил наградата „Бранко Миљковиќ“. Починал на 12 март 2014 година во Скопје.

Во поезијата созадавана од деведесетите години на минатиот век наваму, Ивановски се свртува кон егзистенцијалните состојби на современиот човек кон неговите дилеми и искушенија. Во оваа фаза (посебно во книгите „Прстен на времето“, „Горчлив корен“, „Челост на времето“, „Близу до смртта, близу до животот“ и „Ангелот и лудите цвеќиња“) доаѓа до израз богатото животно и творечко искуство на Србо Ивановски при што неговата поезија освојува со својата едноставност и длабочина, пишува Веле Смилевски за Ивановски.

Да го прославиме животот и делото на Србо Ивановски со неговата поезија.

ПРИСТОЈНОСТ

Не престануваш да се соблекуваш,
ги фрлаш од себе последните крпчиња.
Велиш: Цветот само во својата разголеност
е пристоен.

ЗБОР

Те затворив во каменот
како во кутија за скапоценоста
на дното на каменот
тоа осамено место како СОБАТА на Ван Гог.

Те затворив во молк, во својот молк,
а еве пак си ми тука
како студен кладенец
како свежа капачка в треви.

Те додадов на огнот,
о дали го чувствуваш тоа слатко злосторство?
Него го сторил само оној
кој пренел оган од песна до песна.

Во меч те исковав
во црвен меч со бели сечива.
Ти ли си ми сега таа слатка болка
што здивот ми го одзема кога ќе се насмеам?

ОБРАЌАЊЕ

Dicerano gli antichi che la
poesia e skala a Dio…
                                Montale

Мајко, никогаш не сум ти се обраќал
никогаш не сум седел во твојот скут,
не сум се држел за твоите плетенки.
Никогаш не сум бегал од тебе
ниту пак сум ти приоѓал.
Па од каде тогаш твојот глас
наутро што ме буди?
Од каде твојата поткрепа
во часовите на паѓање?
Од каде твојата насмевка кога ќе се
навлажни небото под моето чело?

Поезијата е слегување и во срцето
не само качување кон Бога
а ти негде близу до неа
или се самата таа.

ПРЕПОЗНАВАЊЕ

Она што ќе го откријам и ќе го запаметам
Ќе го понесам како знак
Како белег од зарастена рана
Она што ќе остане неоткриено
и несфатено
Ќе ви го оставам вам
И на моите деца
И на нивните потомци

Можеби ќе се сретнат негде
она што го понесов со себе
и она што ќе ви го оставам вам
Ќе се сретнат Ќе се погледнат Ќе се насмевнат
Во крената чаша за наздравица
ќе треперат и вашите и моите очи
Ќе се пени радоста на препознавањето

…Тоа е оној неизбиднат дел од животот
што останува после нас како чад
Како опашеста ѕвезда
што никогаш не догорува.

Постхумно издание на поемата „Изодениот пат“ од Србо Ивановски: Реоткривање на ризниците на македонската поетска реч

Поезија од Србо Ивановски: „Покана за вечера“ посветена на Блаже Конески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот