Поезија од Србо Ивановски: „Покана за вечера“ посветена на Блаже Конески

Годината што почнува е посветена на великанот на македонскиот јазик и научната, културна и книжевна мисла, академик Блаже Конески (1921-1993), а по повод 100-годишнината од неговото раѓање. Многубројни активности, настани, манифестации и симпозиуми ќе се одржат по тој повод. „Културен печат“ од првиот ден во годината се вклучува во одбележувањето на јубилејот со објава на песната „Покана за вечера“, напишана од македонскиот поет Србо Ивановски (1928-2014) и објавена во стихозбирката „Посегање по чудесното“.

ПОКАНА ЗА ВЕЧЕРА
На Блаже Конески

Сега кога знаеме
оти младоста ги напушта
и похрабрите од нас
нема повеќе по што да жалиме
Блаже, да каснеме од твоите Чушки
Горчината е
најблагиот корен
на сладоста
Нас слична глад
и иста жед нѐ измачува
Да седнеме
на софрата на Поезијата
негде скраја
Подалеку од челното место
И од оние
кои шумно зборуваат
а тихо мислат
Сакам да ме поучиш како
засмејуваат обичните зборови
оние зад кои ја криеше
тагата.
(30 април 94)

Србо Ивановски (1928-2014)

Србо Ивановски е еден од најзначајните македонски книжевни автори. Неговиот опус опфаќа поезија, раскази, романи, драмски текстови и детски книги. Роден е во 1928 година во Штип. Дипломирал на групата Јужнословенска книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје. Во литературата се јавува по Втората светска војна. Работел како уредник во Телевизија Скопје. Тој е член и поранешен претседател на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) од 1949 година, како и член на македонскиот ПЕН-центар.

За своите дела, Ивановски е добитник на наградите „Кочо Рацин“, „13 Ноември“ и „Стале Попов“. За поемата „Елена“ во 2006 година ја добил наградата „Григор Прличев“. За целокупниот поетски опус, во 2008 година ја добил наградата „Книжевно жезло“, што ја доделува ДПМ. За српското издание на неговата книга песни „Маѓепсан патник“ во 1976 година ја доби наградата „Бранко Миљковиќ“. Починал на 12 март 2014 година во Скопје.

(Песната е објавена во „Културен печат“ број 63, во новогодишниот број на печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 декември 2020 – 3 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот