Се затвораат текстилни фирми, секој ден се отпуштаат работници: Производството виси на тенок конец

Странските компании ги намалуваат нарачките и продолжуваат да го селат производството на Блискиот Исток. Компаниите се жалат дека не можат да обезбедат пари преку банките.

Нашиот текстилен сектор сè уште се потпира на таканараченото „лон производство“ – странските компании даваат материјали, шаблони за шиење, а ние тука произведуваме. Но, податоците покажуваат дека овој сектор се топи. Обемот на трговската размена во секторот „лон производство“ во првите шест месеци од годинава е за 4,7 проценти помал отколку истиот период лани, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Претседателката на Гласен синдикат, Кристина Ампева, вели дека од Нова година секојдневно имаат информации за затворање на фирми и отпуштање на работници во секторот. Но, она што особено загрижува е тоа што и оние малку фирми што ги имаме, кои не работат „лон“, туку имаат сопствено производство, односно свој бренд, ги затвораат погоните.

– Такви фирми имаме малку, но не ги чуваме. Многу ме боли сознанието дека штипската фирма „Ник текс“ мора да се затвори. Сами произведуваат ХТЗ опрема, сами создаваат бренд, а банките не им одобриле кредит затоа што текстилната индустрија била ризична. Од кај па сега тоа! Фирмата вработува 40-тина работници, има капитал од 450.000 евра, а барала кредит од 80.000 евра со кои би била спасена. Кредит ќе дадат на некое кафуле, а не на домашна текстилна компанија! – налутено реагира Ампева во изјава за „Слободен печат“.

 Сега се појавуваат и вишок работници?!

Ангел Димитров од светиниколската „Мода“ и претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи вели дека некогаш текстилниот сектор броел 65.000 вработени, а сега бројката се движи од 25.000 до 27.000 и дека е тешко да се обезбеди работа и за овие вработени.

– Еве, во нашата компанија имам капацитет за 3.500 парчиња, а нарачки од компанија од Германија, која е доминантен сопственик, се 3.000 парчиња. Би требало да отпуштам 50-тина работници, но тоа се добри работници и засега се крпам со некои дополнителни нарачки. Текстилната индустрија е трудоинтензивна дејност и главен трошок се платите на работниците. Не дека Европа толку „падна“ за да ја намали побарувачката за текстилот, колку што тие си ги преселија компаниите на Блискиот Исток. Еве и германската компанија која е овде доминантен сопственик си отвори фабрика во Бангладеш. Поентата е што трошокот за плати го надминува значајно вложениот капитал за машини. Затоа сега сме сведоци на затворање на фирма при што газдата од Хрватска остави и машини и сè, и едноставно си замина – објаснува Димитров.

Вработените од текстилната фирма „Елит фешн“ од Штип, кога после одморот се вратиле на работа, ја нашле фирмата под клуч. Фирмата има двајца странски газди, еден од Германија и еден од Хрватска и, според вработените, не им исплатиле плата и К15, туку ја затвориле фирмата и побегнале.

-Нè оставија на улица и побегнаа. Срамота е ова што го прават. Треба плата да ни исплатат, да ни дадат К15 и да нè стават под Завод. Треба да се појави некој, газдите ни се од Германија и Хрватска, нема на кого да му се обратиме. Работевме 27 дена последниот месец, требаше и награда и плата да ни дадат, а не вака. Како стока нè бркаа за да се заврши работата, пот од сите течеше на 40 степени, апчиња пиевме за да издржиме, да ги истераме налозите и на крај додека бевме на одмор ја затворија фирмата. Ако веќе не работиме, нека дојдат да отворат да си ги земеме работите – изјавија работници за Канал 77.

Недостига државна стратегија

И покрај драстичното намалување на бројот на вработените во секторот. Ампева вели дека тој сè уште е многу значаен за домашната економија.

– Податоците покажуваат дека текстилната индустрија сè уште учествува со 10 проценти во индустриското производство и дека е голема ставка во извозот. Од друга страна само 1,74% средства од унгарскиот кредит се за текстилните компании. Од 470 компании на кои им е одобрен поволниот кредит од унгарските пари, текстилни компании се само 15. И за тие не знаеме кои се. Податоците се кријат – вели Ампева.

Ампева посочува дека и во други земји имало секторски кризи, но дека имало одговор и од државата.

– Не може да се остави овој значаен сектор сам на себе. Мора да се направи стратегија, државата мора да реагира – категорична е Ампева.

Темата за топењето на текстилниот сектор ја актуелизира „Локал актив“ преку анализа на која еден од авторите е Ампева.

Според наведените податоци, во  Агенцијата за вработување во периодот јануари – јули се евидентирани 5.393 одјави од задолжително социјално осигурување. При тоа, како што објасниле од Агенцијата, податокот за М1/М2 е кумулативен збир за сите реализирани пријави/одјави во дадениот период и доколку за едно лице во периодот имало неколку пријави/одјави, тие се бројат повеќе пати.

Според податоците што ги добиле од УЈП, до 17 јули 2025 година, сите шест месечни плати за 2025 година не ги исплатиле вкупно 13 работодавачи од текстилниот сектор.

-За анализираниот период вкупно 15 работодавачи од текстилната индустрија имаат блокирани трансакциски сметки, поради неплатени обврски по основ на МПИН-пресметките – велат од УЈП.

„Локал актив“ ја отвори и темата со заштитните друштва кои во текстилната индустрија вработуваат лица со попреченост.  Според нивните кажувања од месец октомври 2024 година, не им биле исплатени средствата кои тие ги добивале од страна на државата, за вработувањето на овие граѓани.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот