Се уште не знаете каде да ја поминете најлудата ноќ? Погледнете какви аранжмани нудат агенциите

Прославата на новогодишната ноќ е уште една причина да отпатувате некаде, па поради тоа туристичките агенции се полни со аранжамани за дочек на „најлудата ноќ“ во годината. Понуди има за сечји џеб, од поевтините тука се соседните земји и дел од европските градови, додека од поексклузивните се Лапонија и посета на Дедо мраз, како и егзотичните места како Јордан, Тајланд, Малдиви и многу други.

– Аранжманите за Нова година ни се поделени во неколку дела. Најосновната е автобуски и авионски програми, имаме и далечни дестинации, а од оваа година имаме и индивидуални аранжмани. Морам да кажам дека интересот е голем, а во однос на уплати исто така имаме, поради тоа што имавме некои промоции за разни резервации, па голем број од клиентите го искористија тоа – ни изјави Мартин Петковски од туристичката агенција „Пет.аеро“.

Меѓу граѓаните најинтересни се програмите за европските градови, односно предбожиќните и новогодишните шопинг-тури, кои се речиси пополнети.

– Кога станува збор за „најлудата ноќ“ во годината, според досегашната практика, очекувам дека сите понуди кои ги имаме ќе бидат пополнети. Оваа година како новитет во авионските програми ни се Тунис и Египет кои според цената се во категоријата од 500 до 1.000 евра – додава Петковски.

Според понудите кои ги погледнавме, можевме да забележиме дека има аранжамни за сечиј џеб, од тури во балканските земји, па се до далечни дестинации како што е Лапонија.

– Да, имаме понуди за секого, почнувајќи од 59 евра во Будва па се до 10.000 евра аранжман. Меѓу поскапите дестинации, тука се Јордан, Лапонија (1.590 евра), која веќе трета година по ред ја огранизираме и досега оваа тура била распродаден. Москва и Санкт Петерсбург ни се полни, а овие дестинации со се факултативните прошетки достигнуваат и преку 1.000 евра – ни изјави Петковски од „Пет.аеро“.

Од „Пет.аеро“ потенциираат дека автобуските програми, кои се и најевтините, речиси секоја година се исполнети. Тука се понудите за Грција, Будва каде што се пополнуваат и по два автобуси, но досегашното нивно искуство вели дека овој град во зимскиот период нема што да се види, но затоа пречекот на Новата година е спектакуларен, а за оваа година веќе е договорен настапот на Цеца. Покрај овие, тука се и Виена, Будимпешта, Софија, Букурешт и слично, градови кои за новогодишната ноќ имаат богати програми, па така оние кои што ќе се одлучат да ги посетат, покрај убавините и знаменитостите, можат да очекуваат и одлична забава.

Огромен проблем за повеќето туристички агенции е навиката и културата на клиентите во овој период од годината и празниците, своите одлуки за патување до некоја дестинација да ја донесуваат во „5 до 12“.

– Програмата е веќе објавена во средината на октомври, меѓутоа нашиот пазар е „доцен-пазар“, а тоа значи дека малку подоцна реагира, па поради тоа се трудиме таа навика и култура на патувања малку да ја промениме. За разлика од летото, зимскиот период е малку по бурен, поради тоа што малку доцна се рагира, каде за Нова година и другите празници. Тоа тур-операторите ги става во една незавидна ситуација. За да можат да гарантираат при резервирањето на некое туристичко патување, клиентите мора однапред да го резервираат – ни изјави Ана Крстевска Каламадевска, менаџер за продажба во Т.А. „Савана“.

Таа додава дека во нивната понуда за прославата на новогодишната ноќ имаат повеќе дестинации и во различен ценовен опсег. Од патувањата тука на Балканот, како и поголемите и веќе познатите европски градови, па се до различни егозтични дестинации.

– Имаме програми за сечиј буџет, а посебен интерес имаме за блиските соседни држави, кои вклучуваат и кратки излети во околината, и можам да потенцирам дека домашната публика ги сака овие аранжмани, затоа што соседите имаат атрактивни дочеци со познати музички ѕвезди. Последните години први се пополнуваат авионските аранжамни до Париз, Рим, Барселона иако спаѓаат во онаа категорија на поскапи аранжмани. Меѓу подалечните дестинации за Новата година го имаме Мароко и Дубаи со индивидуални аранжмани. Забележуваме тенденција на раст на егзеточните дестинации, затоа што тие стануваат се подостапни, поради тоа што клиентите се одлучуваат да го жртвуваат летниот одмор, па во овој период да отпатуваат некаде, како Тајланд, Куба, Малдиви и слични – вели Крстевска Каламадевска.

За време на посетата на екипата на „Слободен печат“ на туристичките агенции, можевме да забележиме дека многу граѓани се распрашуваат за новогодишните понуди, а исто така некои и реализираа уплати за дочекот на најлудата ноќ.

– Јас и мојот вереник одлучивме новогодишната ноќ да ја дочекаме во Нови Сад. Понудата која ја избравме е навистина богата и се надевме дека ќе си поминеме убаво – ни изјави скопјанката Марија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот