Сè повеќе тетовски ученици се вклучуваат во хуманитарните активности на Црвен крст Тетово
Основци и средношколци од Тетово се` повеќе се вклучуваат во хуманитарните активности на Црвен крст Тетово.
Препорачано
Неодамна учениците-волонтери сами собраа средства за реновирање на детското одделение при Клиничката болница Тетово, а сега нивните активности продолжуваат со помагање на социјално загрозени семејства. Од Општинската организација на Црвен крст Тетово, велат дека младите се иновативни и нивната емпатија кон другите со ваквите активности се зголемува.
„Средствата ги собираат сами, тие се иновативни, сами изработуваат флаери, одат по спонзори за да соберат донации, истото што ќе им се даде тие го продаваат. Голема благодарност до донаторите, децата се борат за да помогнат. Покрај реновирањето на детското одделение на тетовската болница, направени се и други хуманитарни акции, како и интеркултурни проекти каде се промовира едно општество. Да апелирам до младите, слободното време можат да го искористат и да се вклучат во нашите активности, изјави Радица Ѓорѓеска од Црвен крст Тетово.
Голем дел од активностите на Црвен крст Тетово се дел од Програмата за промоција на хумани вредности.
„Црвениот крст е вклучен во разни активности, ние ја подигаме свеста за рана превенција од заразни болести, колкави се последиците кај младите од користење на недозволени средства, ја подигаме свеста околу последиците од трговијата со луѓе, но промовираме и меѓународно-хумано право и односи“, дополни Ѓорѓеска.


