Сè погласна европска поддршка за коалицијата предводена од СДСМ

Јули 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Германскиот министер за Европа, Михаил Рот, завчера со видео-обраќање директно го поддржа министерот Никола Димитров. „Целосно ја поддржувам неговата кандидатура за Собранието на Северна Македонија. Ве молам, гласајте за него, гласајте за светлата иднина на Република Северна Македонија“ – рече Рот.

Македонија веќе има признат курс кон членство во Европската Унија поради што земјите членки  внимаваат што се случува кај нас во изборниот период и ги коментираат настаните од кампањата, па и отворено даваат поддршка на политичките опции, што не е невообичаено, коментираат аналитичарите. Деновиве е видлива поддршката што ја добива СДСМ и коалицијата „Можеме“ од шпанскиот премиер Педро Санчез, германскиот министер за Европа, Михаил Рот, како и од известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук. На СДСМ и на неговите партнери „ветер во грб“ пред гласањето на 15 јули им додаде и усвоениот нацрт на преговарачката рамка за членство во ЕУ и најавите дека првата меѓувладина конференција ќе се случи до крајот на годинава, за време на германското претседателство со ЕУ.

 

СДСМ ниже поддршка од европските политичари

 

Германскиот министер за Европа, Михаил Рот, завчера со видео-обраќање директно го поддржа министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој е носител на листата во првата изборна единица на коалицијата „Можеме“.

– Никола Димитров не е само успешен, тој е и мошне искусен министер за надворешни работи. Тој не е само посветен Европеец, туку е и близок и доверлив пријател. И се гордеам со тоа. Тој ги брани европските вредности во тешки времиња. Тој се повикува на надежта кај луѓето, а не на нивните стравови. Тој е одличен соговорник со прекрасна смисла за хумор. И секогаш можам да сметам на него. Затоа целосно ја поддржувам неговата кандидатура за Собранието на Северна Македонија. Ве молам, гласајте за него, гласајте за светлата иднина на Република Северна Македонија – рече Рот.

Вчера премиерот на Шпанија Санчез испрати видеопорака со поддршка на лидерот на СДСМ Зоран Заев и коалицијата „Можеме“, која, како што рече, ја дава не само поради социјалдемократскиот идеал, туку и поради личното убедување дека Владата на Заев е посветена на тој идеал и во минатите три години придонела за подобрувања на минималната плата, социјалната помош и пензиите.

– Пораката ја испраќам и како убеден европеист. СДСМ со Договорот од Преспа стави крај на долготрајниот спор со Грција, истовремено напредувајќи кон надминување на спорот со другиот сосед, Бугарија. Тоа ѝ овозможи на Северна Македонија да стане членка на НАТО и да дојде на чекор до почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Како од Мадрид, така и од Скопје, нѐ обединува заедничката цел, дека вредностите на солидарноста, демократијата, почитувањето на човековите слободи и права се столбот на кој почива европскиот проект – вели Санчез.

Тој ја пофали Владата на СДСМ во борбата против пандемијата од ковид-19 и економските последици, како и остварувањето на европската социјална агенда, преку реформите на пазарот на трудот.

– Се надевам дека по изборите на 15 јули, Северна Македонија ќе продолжи со ваква проевропска влада, која ќе остане посветена на прогресивните вредности, влада што ќе овозможи државата да продолжува да напредува со овој забрзан ритам, како внатрешно, така и на меѓународен план. Драг Зоран, ти благодарам многу и ти посакувам многу успех – рече шпанскиот премиер Санчез во обраќањето.

Бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој е и известувач на Европскиот парламент за Македонија, неодамна истакна дека во предизборието кај нас се одвиваат две концепциски различни кампањи.

– Едната е за враќање на земјата каде што беше пред три години, а другата е за продолжување по патот кон Европската Унија. Постои тешка и комплексна дебата за суштинските вредности и за тоа каде македонските политичари сакаат да ја видат својата земја. Некои се залагаат за тоа земјата да се врати таму каде што беше пред три години, а други ја поддржуваат идејата дека треба да продолжи да се развива на патот кон НАТО и ЕУ. Постојат и некои други идеи, кои доаѓаат главно од партии што имаат за цел да привлечат гласачи од албанското малцинство – рече Ќучук за бугарското радио „Фокус“ пред неколку денови.

 

Не им е сеедно кој ќе дојде на власт

 

Според политикологот Петар Арсовски, не е првпат СДСМ да добива ваква меѓународна поддршка, а како пример го посочи периодот на референдумот за промена на името.

– Не е невообичаено да се дава ваква поддршка пред парламентарни избори или други изјаснувања, тоа сме го гледале и досега. И самите партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, си обезбедувале ваква поддршка со партиско лобирање во меѓународните сојузи каде што припаѓаат, едните во ПЕС (Партија на европските социјалисти), другите во ЕПП (Европската народна партија). Овие изјави и обраќања на европските политичари кон македонските политичари и гласачи се нормални и сигнализираат дека Македонија сега е на признат курс кон членство во ЕУ. Значи, нѐ препознаваат како идна земја-членка и нормално, внимаваат кој ќе дојде на власт кај нас – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски деновиве настапува со видливо помек став кон Преспанскиот договор и не само што повеќе не зборува за неговото поништување, ниту пак го ветува во предизборната програма, туку најавува и „прифаќање на реалноста“. На прашањето како ќе влезе Македонија во ЕУ без новото име, не одговара конкретно.

– Истовремено сме кажале дека сме против таа капитулација што ја донесе Зоран Заев потпишувајќи го Преспанскиот договор, но истовремено сме кажале дека ние реалноста нема да ја игнорираме, но истовремено сме кажале дека нема никогаш да дозволиме огнот македонски да згасне – вели Мицкоски во последното интервју, дадено за РСЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот