Се одложи читањето на доказниот материјал за модуларната, одбраната ги немала сите докази, оти судот во Тетово немал фотокопир

Фото: Слободен печат

На денешното четврто закажно судско рочиште за случајот Модуларна болница Тетово, конечно започна главната расправа во Основниот суд Тетово.

На почетокот на расправата судијата Јордан Велков ги повика обвинетите да се изјаснат по однос на обвинителниот предлог, кој претходно беше прочитан од Јавното обвинителство. Сите обвинети се изјаснија дека не се чуствуваат за виновни.

Но, во текот на судењето додека се приложуваше доказниот материјал, судијата одлучи да го одложи судскиот процес по барање на одбраната.

Одбраната на обвинетите образложи дека начинот на презентација на доказите не е согласно законските одредби и му предложи на судот расправата да биде одложена.

„На писмено одбраната да се произнесе по однос на бараните доказите од ОЈО а кои не се во бараната форма. Целта е избегнување на одолговлекувањето на процесот, поради чести упаѓања на одбраната за време на процесот кои ги негираа доказите, а кои го доставуваше јавното обвинителство “ изјави Судијата Јордан Велков кој го води процесот

Од Обвинителството се согласија судењето да биде одложено и тоа е како што посочија во интерес на постапката.

Денешното судско рочиште траеше два часа

За време на денешниот судски процес, одбраната на сите четворица обвинети бараше препис на доказите, кои како што тврдеа не им бил овозможени од судот.

Оттаму истакнаа дека имале увид во дел од списите, но не им бил овозможен препис, оти во судот им рекле дека не им работел фотокопирот. Побарале преписот да се изврши надвор од судот, но и тоа барање им било отфрлено.

Поради немањето на увид на доказниот материјал, одбраната побара да не започнува воопшто читањето на доказниот материјал.

Но, сепак доказите обвинителството започна да ги чита, на што одбраната реагираше дека не се работи за целосно читање на доказниот материјал како што налага законот, туку се читаа само насловите.

„Ако се читаат само наслови, ние ќе реагираме постојано. Ако вака продолжи процесот тогаш беспредметна е целата постапка, тогаш донесете одлука и тоа е тоа, посочи одбраната на второобвинетиот Артан Етеми.

„Јавното обвинителство доставува докази во фотокопија, спротивно на законот. Исто така има доказен материјал во обвинителството на Англиски јазик, што не е во ред, истакна од одбрана на првообвиниетиот Флорим Бесими.

Судијата Јордан Велков истакна дека тие како суд не можат да му наложат на обвинителството, какви докази да приложуваат.

„Во текот на постапката ќе видиме со какви докази располага обвинителството или ќе ги прифатиме или ќе ги одбиеме, рече судијата Јордан Велков.

Од Јавното обвинителство пак истакнаа дека сите докази со кои располгаат им биле достапни на одбраната во секое време, а списите ги имало во Основниот суд Тетово.

За време на читањето на доказниот материјал одбраната поднесуваше приговри, но судијата не прифати ниту еден, но на крајот сепак одлучи судскиот процес да продолжи на 27 декември.

Од одбраната во текот на судскиот процес исто така посочија дека се обратиле и до повеќе институции во насока на прибирање на докази, но институциите или не одговориле или добиле одговор кој не соодвејствува на нивните барања.

Поранешиот директор на Клиничката болница Тетово Флорим Бесими, се товари за кривичното дело тешки дела против општата сигурност,раководното лице на модуларната болница Артан Етеми, пак се товари за кривично дело тешки дела против општата сигурност, а доктор Бобан Вучевски, за делото непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Обвинение има и за правното лице Клиничка Болница Тетово, за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Судскиот процес се одложи за 27 декември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот