Се крчкаат измени во Законот за извршување, синдикалците велат дека им се работи зад грб
Конфедерацијата на синдикални организации обвинува дека Министерството за правда без да ги консултира граѓанските организации подготвува измени во законот за извршување. Според нив, уште во февруари работна група требало да ги осмисли измените а како членови учествувале банкарски организации, комора на извршители и адвокати, но не и граѓанските организации.
Препорачано
Тврдам дека се имаат скарано на еден таков состанок помеѓу себе нотари, адвокати, извршители кој повеќе да зграби од она што го прават врз грбот на граѓаните ние тоа нема да го дозволиме. Бараме под итно средба во спротивно ќе мора најверојатно да се прават протести пред Министерството за правда, поради ваква неодговорност од еден министер за правда. Еве и да немало граѓански организации самата нивна свест треба да проработи и да го заштитат граѓанинот, изјави Марјан Ристески од КСОМ.
КСОМ бара да се спречи граѓаните да плаќаат неколкукратно поголеми суми за неподмирени сметки односно ограничување на режиските и извршни трошоци за малите долгови да не се зголемуваат неколкукратно.
Од Министерството за правда пак ги негираат обвинувањата. Тврдат дека откако ќе го завршат, предлог законот ќе биде објавен на ЕНЕР и ќе има можност за предлози.
Асолутно се неосновани тврдењата дека Предлог Законот за извршување со носи зад затворени врати. Сите закони во Министерството за правда се подготвуваат низ јавен и транспарентен процес, со навремено информирање за нивниот статус. За Предлог Законот за извршување беше формирана мултисекторска работна група, а процесот на изготвување на текстот е при крај. По неговата подготовка Предлог Законот за извршување ќе биде објавен на ЕНЕР каде сите ќе имаат можност да го разгледаат, да дадат коментари, предлози и сугестии, велат од Министерството.


