Се чешла случајот „Парк“ Владата вели дека е одлучна да го заштити Охрид

Надлежните со различно гледање на минатонеделната одлука на Владата за преиспитување на случајот со уривањето на ресторанот Парк и засилената контрола на централната власт над одлуките од областа на урбанизмот на општините од охридскиот регион под заштита на УНЕСКО. „Ќе ги почитуваме одлуките на Владата иако тоа во одредена мерка ќе ја усложни работата која ја обавува нашата установа во смисла на зголемување на рокот во кој ќе се издаваат заштитно конзерваторските услови, конзерваторските мислења и стручните контроли за културното наследство на охридскиот регион со оглед дека во процесот на издавање на горенаведените документи сега се вклучуваат повеќе институции“, вели Даниела Недељковиќ, директорка на Заводот за заштита на споменици на културата и Музеј на Охрид.

„И досега беа следени насоките на УНЕСКО односно Планот за управување со природното и културното наследство за сите градежни активности во Охрид и за секој предмет ја запазувала таа обврска“, вели директорката. Според Недељковиќ, и по вклучувањето на Национално-конзерваторскиот центар и Министерство за култура заштитата на културното наследство во целата постапка заштитата на културното наследство „ќе остане на истото ниво како и до сега“.

Уште од 80-тите години на минатиот век, кога бил воспоставен статусот на УНЕСКО за Охрид неговата заштита не била поставена како што треба и последиците дури сега се согледуваат, вели Ацо Костов, директор на националната Управа за заштита на културното наследство. Според Костов Управата за културно наследство и Музеј на Охрид требало да биде под постојан надзор од институциите, да се применуваат УНЕСКО стандарди на работа. Тој вели дека не е за брзи решенија. „Куќата одамна гори, ние како стручни луѓе и оние инволвирани околу УНЕСКО статусот од поодамна ја знаеме состојбата, а јавноста сега ја забележува“, вели Костов според кого установите за заштита на Охрид и неговото културно наследство требало со време да бидат засилени со кадри, но дека не биле одобрувани вработувања, па сега само еден архитект работи на проблемот на заштита, а уште еден за издавањето на заштитно-конзерваторски услови.

Што се однесува до уривањето на Парк, според директорот на Управата, иницијативата за заштита на објектот Парк беше задоцнета, а не му се допаѓал ниту „фејсбук-активизмот“ бидејќи Охрид СОС имале цела година да направат таква иницијатива и да ја достават до Заводот и Музеј Охрид. „Таму инспекциски сега е запрена постапката додека не се преиспита случајот и целосната документација“, вели Костов.

Според министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, за Владата немало да има компромис кога е во прашање заштитниот статус на УНЕСКО за Охридскиот регион. „Очекуваме сите фактори, вклучително и локалната самоуправа на Охрид, Струга и Дебрца да застане зад ваквиот став“, изјави Бочварски во настапот на емисијата Топ тема минатиот петок.

Во Министерство за транспорт и врски веќе била формирана комисија која ја побара Владата за детално да се испита случајот Парк. „Ќе утврдиме како е отуѓено градежното земјиште, како е издадена дозволата за градба, дали е издадено во рок одобрението, стручен надзор над целата постапка на Општина Охрид. Ингеренциите за овој случај се целосно во Општина, се што ќе биде пронајдено како неправилност, ќе биде санкционирано, ќе биде стопирана таа градба доколку има било каква грешка во постапката“, изјави Бочварски.

Министерот најави и дека со урбанистичкиот план за целиот охридски регион, кој го потготвуваат заедно со Агенцијата за планирање на просторот ќе се заштити целото крајбрежје ,со кој за првпат во историјата ќе биде заштитена првата зона на крајбрежјето. „Со тоа се она што навлегува во првата зона ќе биде отстрането со што урбанистички ќе се регулира крајбрежјето. Тоа ќе значи дека такви објекти ќе бидат остранети“, рече министерот Бочварски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот