Венко Филипче / Фото: СДСМ

СДСМ ја објави резолуцијата за мигрантите

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија попладнево ја објави Резолуцијата за прекинување на процесот за примање мигранти во Македонија и соопшти дека очекува пратениците од власта да ја потпишат.

Во продолжение следи резолуцијата во целост:

1. СЕ ЗАБРАНУВА ПРИФАЌАЊЕ НА ДЕПОРТИРАНИ ЛИЦА ОД ТРЕТИ ЗЕМЈИ, КАКО И ЛИЦА ЗА КОИ Е УТВРДЕНО ДЕКА НЕМА ПРАВНА ОСНОВА ДА ОСТАНАТ ВО ТРЕТИ ЗЕМЈИ – Собранието констатира дека Република Северна Македонија нема да прифаќа изградба на прифатни центри, станови, кампови или „хабови“ наменети за трајно или привремено сместување на мигранти депортирани од други држави (вклучително и Обединетото Кралство), кои немаат потекло од или директна врска со нашата држава.

2. СЕ СПРЕЧУВА ТРГОВИЈА СО ЧОВЕЧКИ СУДБИНИ – Се осудува секој обид за третирање на барателите на азил како предмет на финансиски трансакции помеѓу државите. Северна Македонија нема да биде дел од договори каде финансиската помош или инвестициите се условени со преземање на мигранти. Северна Македонија нема да прифати финансиски надомест или договор со ниедна држава во однос на преземање на мигранти. Тоа е спротивно на нашето достоинство како држава и спротивно на хуманиот третман на луѓето кои бегаат од војна и прогон.

3. СЕ КОНСТАТИРА ДЕКА ДРЖАВАТА НЕМА КАПАЦИТЕТИ И СОЦИЈАЛНА КОХЕЗИЈА – Државата не располага со социјални, економски и безбедносни капацитети за да стане центар за процесирање на азил за потребите на други, далеку побогати држави. Прифаќањето на таков товар би ја загрозило стабилноста и би предизвикало несогледливи последици за внатрешната социјална кохезија.

4. УСОГЛАСЕНОСТ СО ЕУ, А НЕ БИЛАТЕРАЛНИ ЕКСПЕРИМЕНТИ – Северна Македонија ќе ги следи и спроведува исклучиво заедничките политики на Европската Унија за миграција.

5. ТРАНСПАРЕНТНОСТ И ОТЧЕТНОСТ – Собранието ја задолжува Владата веднаш да ги прекине сите евентуални преговори од ваков тип и во рок од 3 дена да достави целосен извештај до пратениците за сите комуникации остварени со Владата на Обединетото Кралство или други субјекти на оваа тема.

6. ПОВИК НА ЕДИНСТВО – Ова прашање е натпартиско и се однесува на иднината на државата. Собранието ги повикува сите политички чинители да се обединат околу овој став, штитејќи го достоинството на македонските граѓани, но и угледот на државата како субјект кој почитува правила, а не територија за туѓи експерименти.

7. Оваа резолуција ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Лидерот на опозициската партија, Венко Филипче вчера ја најави резолуцијата и рече дека ова е втор чекор по онлајн петицијата, а се однесува на „иднината и безбедноста на Македонија“.

Николоски во Лондон го потпиша најголемото задолжување во независна Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот