Рајан Серл/EPA/NEIL HALL

Сценарио како за на филм: Натпреварувач со ретка болест и оштетен вид чекори кон титула на Светското првенство во пикадо

Светското првенство во пикадо, кое моментално важи за еден од најследените спортски настани во светот, влезе во својата завршна фаза со низа неочекувани резултати, а од најубавите приказни на турнирот ја испишува 38-годишниот Англичанец Рајан Серл, кој избори пласман во полуфиналето, каде што ќе се соочи со актуелниот шампион Лук Литлер.

Серл до оваа фаза стигна речиси без поголеми проблеми, губејќи само два сета, исто колку и неговиот нареден ривал. Малкумина очекуваа да дојде меѓу најдобрите четворица, не само поради понискиот рејтинг, туку и поради сериозната здравствена состојба со која се соочува.

Пикадистот, познат под прекарот „Хеви Метал“, боледува од автозомно доминантна оптичка атрофија, ретка болест што доведува до постепено оштетување на очниот нерв и значително влошување на видот, што претставува огромен предизвик во спорт каде што прецизноста е клучна. Токму затоа, неговиот успех на најголемата сцена добива уште поголемо значење.

„Дури во последните година ипол целосно сфатив што значи мојата дијагноза. Со слаб вид живеам цел живот, но важно е да знаеш со што точно се соочуваш. За оваа болест нема лек и мора да научиш да живееш со неа“, искрено раскажа Серл.

Тој откри и дека за време на мечевите користи контактни леќи за делумно да го ублажи заматениот вид, но проблемите и понатаму се присутни.

„Има моменти кога морам да го прашам судијата колку поени имам, а има и моменти кога успевам сам да се снајдам. Не е нималку лесно“, призна Англичанецот.

Со победата над Џони Клејтон во четвртфиналето (5:2), Серл веќе обезбеди награда од 200 илјади фунти, а доколку стигне до титулата го очекува награда од еден милион фунти. Сепак, финансискиот аспект не е негов главен мотив.

Неговата примарна цел е подигање на свеста за болеста од која страда, а која, за жал, е наследна и веќе ја носат и неговите деца.

„Се обидувам да собирам средства за фондацијата. Ова е генетска состојба ја пренесов на двете деца. Кај синот е во поблага форма, но кај ќерка ми состојбата е многу посериозна“, објасни Серл.

Тој додаде дека неговата ќерка може релативно добро да гледа само на растојание до два метра и дека поради сериозното оштетување на видот е официјално регистрирана како слабовидна.

„Не верувам дека некогаш ќе може да вози автомобил. Затоа е исклучително важно да се зборува за оваа болест и да се вложат напори за пронаоѓање лек“, порача Серл, кој и понатаму го живее својот сон за светската титула.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот