Буба Корели / Фото: Фејсбук

Сараевскиот рапер Буба Корели осуден за затајување данок

Посебниот оддел за сузбивање корупција, организиран и меѓукантонален криминал при Врховниот суд на Федерацијата Босна и Херцеговина (ПОСКОК) соопшти дека сараевскиот рапер Буба Корели ја признал вината за затајување данок и дека на сметката на даночната управа уплатил вкупно 115.642 конвертибилни марки, пишува „Кликс.ба“.

ПОСКОК ја потврдил обвинителната постапка на Посебниот оддел на Федералното обвинителство на ФБиХ и го прифатил договорот за признавање вина против Амар Хоџиќ, познат како Буба Корели, роден во 1989 година во Сараево.

Според обвинението, Хоџиќ во периодот од 1 јануари 2017 до 31 март 2022 година, како даночен обврзник, свесно и со намера избегнувал да ги плати обврските пропишани со даночните закони на Федерацијата БиХ, како и придонесите за социјално осигурување. Тој не ги пријавувал своите остварени приходи што подлежат на оданочување, со што ги прекршил законските обврски.

Со постапување спротивно на законските одредби и со избегнување на плаќање данок на доход и здравствени придонеси за финансиски приливи добиени од странство, обвинетиот во наведениот период стекнал противправна имотна корист и ги оштетил буџетите и вонбуџетските фондови во Федерацијата БиХ за вкупен износ од 115.642 КМ.

Со тоа, според судот, сторил кривично дело даночно затајување согласно член 273 став 1 од Кривичниот законик на Федерацијата Босна и Херцеговина, во врска со член 55 од истиот закон.

На обвинетиот целосно му е одземена имотната корист стекната со кривичното дело, а Амар Хоџиќ, како даночен обврзник, во целост го подмирил својот главен даночен долг кон даночната управа на ФБиХ.

Инаку, Буба Корели и претходно бил осудуван за други кривични дела и има поминато време во затвор. Во 2019 година, тој беше осуден на една година затворска казна поради трговија со наркотични средства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот