Сакаме да спасиме животи, вели братот на девојката чии органи беа дарувани

Откако решија да ги донираат органите на својата ќерка која загина во сообраќајна несреќа, не стивнуваат позитивните реакции за огромниот чин на хуманост до семејството Белчовски од беровското село Русиново, за кои единствената утеха покрај огромната загуба е тоа што нејзиниот живот ќе продолжи преку животот на пациентите кои ќе ги примат нејзините органи. Братот на починатата 20 годишна девојка вели дека и покрај трагичниот чин семејството сака да остави пример за потребата од вакви хумани гестови.
– Сакаме да дадеме до знаење дека органите треба да се донираат, а се одлучивме на тоа бидејки сакаме да спасиме животи. И нам доколку ни беа потребни, верувам дека ќе ни се излезеше во пресрет, затоа и ние сакавме да помогнеме, бидејки така ќе живее и нашата сестра – истакна Мартин Белчовски, брат на 20-годишната Верица.
Огромна поддршка до семејството Белчовски, изрази и градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски.
– Пред се огромна поддршка за ова семејство кое и во услови на голема тага и скршеност се одлучија на храбар чекор да ги донираат органите на несреќно загинатата Верица и со тоа да продолжат нови животи. Огромен хуман чин кој значи многу пред се за општеството во охрабрување на тие акции на донори да продолжат и во наредниот период, со што ќе се овозможи многу животи да бидат спасени. Со тоа иако физички не е присутна, срцето на Верица ќе продолжи да чука. Како општина на семејството им стоиме на располагање за какви било потреби – рече Пекевски.
Како што претходно соопшти Министерството за здравство, пациентот кој денеска го прими срцето од донорот е на возраст од 22 години и има сериозно заболување кое го оштетува срцето. Од починатиот донор ќе се трансплантираат и бубрезите како и коските за пациенти со тешки фрактури кои немале можност да стават протези или на кои коските им се оштетени од карцином.
– В понеделник наутро коската со метастази на пациент кој се лекува на Клиниката за ортопедија ќе биде заменета со здрава коска од починатата девојка. Два бубрега од донорот денеска ќе бидат трансплантирани кај пациенти кои со години се на дијализа.  Уште десетина пациенти кои боледуваат од карцином кој им ги оштетил коските и пациенти со тешки фрактури кај кои нема можност да се стават протези ќе добијат заменски коски од починатиот донор. Ова е прва ваква експлантација направена во земјава – се наведува во соопштието од Министерството.
Тие упатуваат голема благодарност до семејството на починатата пациентка кое се согласи да ги донира органите на својата ќерка.
Во процесот на трансплантација учествуваа доктори од клиниките за КАРИЛ, Урологија, Кардиохирургија, Ортопедија, Нефрологија, Радиологија, Кардиологија, Рентген институот, Клиниката Жан Митрев и Аџибадем Систина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот