Сагата за Алијанса за Албанците продолжува: Таравари сега е легитимен лидер, Села најави тужба

Со одлука на Основниот суд во Тетово е прифатено барањето на Таравари за регистрација на измените во Статутот на партијата во Судскиот регистар на политички партии. Како што сега правнички стојат работите печатите на Алијанса сега се во рацете на Таравари.

Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари го доби судскиот спор за партијата и порача дека секоја група што ќе се идентификува со името на партијата ќе се соочи со правни последици. Таравари пораката му ја испрати на поранешниот сопартиец Зијадин Села со кого две години водеа правна битка чија е Алијанса за Албанците. Села пак, порача дека не се откажува и битката за Алијанса ќе ја продолжи пред Апелацискиот суд.

Со одлука на Основниот суд во Тетово е прифатено барањето на Таравари за регистрација на измените во Статутот на партијата во Судскиот регистар на политички партии. Како што сега правнички стојат работите печатите на Алијанса сега се во рацете на Таравари.

Според одлуката на Судот, Статутот одобрен на III вонреден конгрес, одржан на 24.12.2022 година, се укинува, а се регистрира Статутот одобрен на II конгрес на партијата одржан на 27.03.2022 година, во согласност со одлуката на IV вонреден конгрес, одржан на 16.02.2024 година во Скопјe.

„Воедно, судот ги отфрли како неосновани барањата поднесени од Зијадин Села во врска со промената на претседателот на партијата и статутарни измени. Оваа одлука претставува јасна правна потврда за легитимитетот на раководството на Алијансата за Албанците и неговото право на институционално претставување. Нагласуваме дека секоја група што ќе се јави во име на Алијанса за Албанците, кршејќи ја оваа судска одлука, ќе се соочи со соодветните правни последици – соопшти АА предводена од Таравари.

Од партијата велат дека ќе продолжат да дејствува во согласност со законот и волјата на членството и дека остануваат посветени на реформите и достојното претставување на граѓаните.

-Без оглед на законските одлуки, вистината која постојано ја кажував останува непроменета. Партиите не се лична сопственост. Тие не припаѓаат на поединци, туку на луѓето кои секојдневно градат, придонесуваат и ги одржуваат во живот. Алијансата за Албанците им припаѓа на активистите кои жртвуваа, поддржувачите кои веруваа и граѓаните кои гласаа за тоа. Алијансата им припаѓа на Албанците – напиша Таравари на Фејсбук.

Од крилото на Зијадин Села сметаат дека одлуката на судот само го потврдила тоа што постојано го кажувале, дека „Таравари е слуга на овој заробен систем кој работи против Албанците и против Алијансата за Албанците“.

-Водевме судска битка убедени во нашите статутарни и законски права, но секогаш свесни дека се соочуваме со систем и слуга на овој систем. Како поинаку може да се објасни фактот дека овој процес траеше повеќе од две години, фактот дека предметот беше вратен двапати по ред и беше разгледуван трипати во Основниот суд, преседан што никогаш порано не се случил. Како поинаку може да се објасни фактот дека Тетовскиот суд оди против сопствената одлука што ја донесе двапати по ред и оваа одлука се менува токму сега кога Арбен Таравари денес нема ниту половина од членовите и делегатите што ги имаше на почетокот на процесот. Тој немаше ниту тогаш мнозинство, а денес нема ниту половина од малцинството што го имаше тогаш – велат од Алијанса предводена од Села.

Според крилото на Села, судската одлука е политичка и е обид за атентат врз албанска политичка партија која со години беше главен фактор на политичката сцена во земјата и моќен бранител на албанската национална кауза.

-Сега ќе следи последниот чекор од целото ова сценарио, како што предупреди вазалот на овој систем, ребрендирање и исчезнување на скапото и чисто име Алијанса за Албанците. Но, ние не се откажуваме. Денес сме уште помотивирани од кога било да ја продолжиме нашата битка, за Албанците и со Албанците. Ќе ја обжалиме оваа одлука до Апелацискиот суд и ќе ја искористиме секоја можност да се бориме и да го зачуваме нашиот дом – велат од крилото на Села.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот