Сагата на еден тренинг на ФК Тетекс: Рунирани соблекувални, забранет влез на стадионите, се тренира на вештачка трева, но на половина терен

Се пресоблекуваат во рунирани простории, потоа со комбе одат на друга локација во Тетово каде тренираат на фудбалскиот терен на поранешниот спортски центар на вештачка трева на високи температури, но не на цел терен, туку на половина или на четвртина.

Фото: Слободен печат

Вака буквално изгледа секој тренинг на Фудбалскиот клуб Тетекс и на првиот тим, но и на останатите, оти општината ги закатанчила вратите од стариот и новиот стадион и освен Шкендија никого не пушта да тренира и да се натпреварува на овие два стадиони.

Фото: Слободен печат

„Кога ќе ни заврши тренингот на вештачка трева се враќаме испотени и пак во соблекувална, тоа е едно ниво кое не доликува на фудбалски клуб како што е ФК Тетекс. Ние не заслужуваме ваков третман, овде се работи за спорт, но овде жал се вмешани многу работи. Не бараме ние нешто многу, само бараме терен за тренирање“, изјави капитенот на ФК Тетекс Трајче Стојковски на денешната прес конференција која ја свика овој фудбалски клуб.

Во ФК Тетекс тренираат 250 деца, но услови од бетер побетер, дел од нив од тренинзите дома се враќаат со покачена температура.

„Има интерес од децата, но тука условите се тешки. 40 деца од мојата возраст тренираме на половина терен, и тој половина терен го делиме на половина, зависно од возраста и тука невозможно е да се направи тренинг, со топка не можеме да играме, само да трчаме можеме, а тренираме на вештачка трева и тоа е жално, ни се качува температура“, вели фудбалерот Стефан Ѓорѓески од младинскиот тим на ФК Тетекс.

Фото: Слободен печат

Од Управата на ФК Тетекс со прашање до Општина Тетово, зошто да не го користат стариот стадион, дали за него има договор кој ќе го користи и зошто само еден клуб го користи, односно фудбалскиот клуб ФК Шкендија.

Ниту можеме да ги легализираме нашите соблекувални кои се дел од стариот градски стадион, на чиј фудбалски терен немаме пристап, оти вратите ни се закатанчени, велат од управата.

„Имавме повеќе средби со градоначалникот на Тетово кој ни вети дека ќе се изнајде решение за место за тренинг, ни рече дека ќе се изгради терен во Сараќино, тоа беше уште во месец март, но ние се уште тренираме на вештачка трева, а тука на стариот стадион не ни е дозволено да тренираме. Бараме разумен договор, знаат многу дека на овој терен секогаш тренирале сите фудбалски клубови, млади категории, дури и школи тука тренирале без проблем со добра координација. Ако се направи договор и ние ќе влеземе да тренираме.

Општина Тетово акцент во нивното вчерашно соопштение стави акцент само на градскиот стадион, а никаде нема спомнато за стариот стадион. Долги години Министерството за транспорт и врски дава мислења позитивно за легализација на овие простории каде ни се соблекувалните и тоалетите, а општинските власти сето тоа го одбиваат, не можеме ниту да ги легализираме. Да видите дека од наша страна се отвора вратата од стариот стадион, но од другата страна е блокирана и само овој стадион го користи екипата на ФК Шкендија. Теренот во Сараќино ни рекое дека ќе биде изграден за 9 месеци, но што дотогаш, запраша Бобан Мишевски спортски директор на ФК Тетекс.

Фото: Слободен печат

Тренерот на ФК Тетекс повика на разумно решени.е

„Тешки услови за работа, а без тоа нема спортски развој, ни за младите, ни за повозрасните. Треба да се најде решение оти ние сме фудбалери треба да се концетрираме на фудбал. За првиот тим можам да кажам дека тренираме после 10,30 на вештачка трева каде се повредуваме, добиваат температура фудбалерите“, рече тренерот на ФК Тетекс Филип Деспотоски.

Фото: Слободен печат

Од Управата на ФК Тетекс велат дека нивната битка започнала. Ќе ги информираат сите меѓународни организации за дискриминацискиот однос на општината кон нивниот клуб, а од понеделник па натака ако немаат позитивен одговор од општината ќе се размислува да се преземат и порадикални чекори.

Од Општина Тетово вчера излегоа со соопштение истакнувајќи дека реакцијата на ФК Тетекс деновиве во која наведуваат дека тие како клуб како и ФК Љуботен и ЖФК Љуботен, немаат право да го користат стариот и новиот градски стадион, била непотребна.

„Секој кој е во прва лига може да го користи градскиот стадион, а општината отсекогаш постапувала транспарентно и одговорно, кога било во прашање соживотот меѓу заедниците“, стои во соопштениото на Општина Тетово.

Но зошто и на стариот стадион на фудбалерите на ФК Тетекс им е забрането да тренираат од Општина Тетово не одговораат.

ФК Тетекс, ФК Љуботен и ЖФК Љуботен без право да ги користат ни стариот, ни новиот стадион во Тетово

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот