САД ја забранија контроверзната прехранбена боја „Црвена број 3“, ја има во 3.000 производи
Администрацијата на американскиот претседател во заминување Џо Бајден денеска објави забрана за „Црвената боја бр. 3“, контроверзен адитив за храна и лекови, за кој одамна се знае дека предизвикува рак кај животните, јавија американските медиуми.
Препорачано
Според непрофитната Работна група за животна средина, неколку децении откако научните докази за првпат предизвикаа тревога, „Црвената 3“, како што ја нарекуваат, во моментов се користи во речиси 3.000 прехранбени производи во САД.
-ФДА ги укинува одобренијата за употреби во храната и внесените лекови на „Црвената боја бр. 3“ во регулативите за адитиви за боја, се вели во документот од Одделот за здравство и човечки услуги, објавен денеска од Федералниот регистар.
Одлуката произлегува од петицијата поднесена во ноември 2022 година од Центарот за наука од јавен интерес (CSPI) и други групи за застапување, кои наведоа дека додатокот во боја докажано предизвикува рак кај луѓето и животните.
ФДА уште во 1990 година утврдила дека „Црвената 3“ треба да биде забранета во козметиката поради нејзината поврзаност со ракот на тироидната жлезда кај животни. Сепак, адитивот продолжи да се користи во храната, најмногу поради отпорот од прехранбената индустрија. Тој е присутен и во илјадници бонбони, грицки и овошни производи и илјадници лекови.
Студиите врз животни покажаа дека синтетичките бои за храна предизвикуваат промени во невротрансмитерските системи во мозокот и предизвикуваат микроскопски промени во структурата на мозокот, што влијае на активноста, меморијата и учењето.
САД бавно дејствуваат околу „Црвената 3“ во споредба со другите големи економии. Европската унија ја забрани нејзината употреба во 1994 година, а слични забрани се во сила и во Јапонија, Кина, Велика Британија, Австралија и Нов Зеланд.


