Русковска останува суспендирана, Советот на јавни обвинители едногласно ѝ ја отфрли жалбата

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Советот на јавни обвинители на денешната 63-та седница едногласно одлучи жалбата за суспензијата на обвинителката Вилма Русковска да се отфрли како неоснована.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски, рече дека Советот со ова го потврдува решението на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески од 16 август годинава. Со ова обвинителката Русковска останува суспендирана од својата функција.

Јовески одлучи да ја суспендира Русковска поради нејзиното постапување во случајот со претресот во Финансиската полиција. Покрај за Русковска, дисциплинска постапка е започната и против две нејзини колешки-обвинителки.

Донесено е решение за оддалечување од функцијата на Русковска, додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава од Арафат Муареми за претресот на 18 јули во Управата за финансиска полиција. Муареми непосредно по одлуката за суспендирање на Русковска, соопшти дека се повлекува од директорската позиција во Управата.

Седницата на Советот на ЈО, за време на дискусијата по жалбата на јавниот обвинител на ОЈО ГОКК Вилма Русковска, беше затворена за јавноста, за како што појасни претседателот на Советот Јолевски, заштита на интегритетот на сите јавните обвинители и предметите, кои се дел од списите. По одлуката, шефицата на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вели дека нема коментар.

Советот на ЈО работи со осум од 11 члена, бидејќи двајца се пензионирани и сѐ уште не се избрани нови, а обвинителот Љубомир Јовески не присуствуваше поради конфликт на интереси.

Русковска минатата недела поднесе жалба за одлуката за нејзината суспензија до Советот на јавни обвинители. Со жалбата, како што појасни Русковска, таа ги побива наводите во решението. Таа рече и дека ова го смета за „суспензија на правото и суспендирање на правдата”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот