Русија првпат почнува нуклеарен проект во ЕУ, гради два реакторa во Унгарија
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Маријано Гроси, изјави на церемонијата дека проектот Пакш 2 се соочил со многу „противнички ветрови“ и дека е „пример за решителност да се оди напред и покрај тешкотиите“.
Во Унгарија се одржа церемонија по повод почетокот на изградбата на темелите за зградата на реакторот на унгарската нуклеарна електрана Пакш 2, објави „Ворлд нуклеар њуз“.
Препорачано
Проектот Пакш 2 опфаќа две руски реакторски единици од типот ББЕП-1200, а истурањето на првиот бетон го означува официјалниот момент кога проектот добива статус на „нуклеарна електрана во изградба“.
Квалитетот на бетонот во темелната плоча е клучен за цврстината и издржливоста на објектот, кој е проектиран безбедно да смести нуклеарен реактор со почетен работен век од 60 години, со можност за продолжување на 80, па дури и до 100 години. Вкупно ќе бидат потребни околу 9.000 тони, односно 43.000 кубни метри армиран бетон за темелната плоча, а бетонирањето се очекува да продолжи во текот на целата година.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, изјави дека „многумина сакале и сè уште сакаат да ја спречат оваа инвестиција“, но тоа не го запрело проектот. Тој додаде: „Денес е историски ден… нуклеарната електрана ќе значи дека ќе можеме да произведуваме околу 70 отсто од потребите за електрична енергија во Унгарија. Ова значително ќе ја намали нашата зависност од меѓународните пазари и од нивните честопати целосно луди поскапувања на цените“.
„Овој значаен настан ги илустрира конструктивните и взаемно корисни односи што се развија меѓу нашите земји. Нуклеарната електрана Пакш II е логично продолжение на нашата долгогодишна соработка во нуклеарната енергија. За Унгарија, Пакш II е несомнено стратешки чекор што ќе ѝ донесе низа суштински придобивки и ќе го поттикне развојот на националната економија. За Росатом, овој проект е уште една потврда за лидерската позиција во нуклеарната индустрија и придонес за развојот на руската индустрија,“ изјави генералниот директор на руската државна нуклеарна корпорација Росатом, Алексеј Лихачов, на церемонијата во четвртокот.
„Проектот се соочи со многу противнички ветрови“
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Маријано Гроси, изјави на церемонијата дека проектот Пакш 2 се соочил со многу „противнички ветрови“ и дека е „пример за решителност да се оди напред и покрај тешкотиите“. Тој рече дека ова е „голем ден“ за „Унгарија, за Русија, за нуклеарната соработка, голем ден за одржливоста на енергијата“ и дека му е чест што присуствува на преминот од „одличен проект во реалност што веќе можеме да ја видиме како излегува од земјата“.
Електраната Пакш, на 100 километри јужно од Будимпешта, моментално има четири реактори ББЕП-440 од руски тип со притисочна вода, кои започнале со работа меѓу 1982 и 1987 година. Меѓувладин договор беше потпишан на почетокот на 2014 година за руските компании и за нивните меѓународни подизведувачи да испорачаат два реактора ББЕП-1200 во Пакш, како и руски државен заем до 10 милијарди евра (10,5 милијарди долари) за финансирање на 80 отсто од проектот.
Барањето за градежна дозвола беше поднесено во јули 2020 година, дозволата беше издадена во август 2022 година, а распоредот за изградба беше договорен во 2023 година, со цел новите единици да се приклучат на електроенергетската мрежа на почетокот на 2030-те. Унгарската агенција за атомска енергија издаде дозволи во ноември за истурање на првиот бетон за темелите на она што ќе биде единица Пакш 5.
Руски нуклеарен проект за првпат на почва на ЕУ
Проектот е првиот руски нуклеарно-енергетски проект започнат во земја членка на Европската Унија и се реализира и покрај санкциите кон Русија. Ова е првото истурање бетон за нуклеарна енергетска единица во ЕУ откако во поранешна земја членка на ЕУ, Обединетото Кралство, беше истурен првиот бетон за единицата 2 на „Хинкли Поинт C“ во декември 2019 година.
Сијарто во октомври на Светската нуклеарна изложба во Париз изјави дека до тој момент биле ископани два милиони кубни метри почва и биле поставени 43.000 цементни столбови како дел од земјените работи, додека 30 објекти веќе биле завршени, а уште 50 биле во изградба. Тој додаде дека опремата со долг рок на испорака се произведува во шест земји, со вклученост на француски и на германски компании, а клучните внатрешни делови на реакторот и парогенераторите ги произведува „Росатом“ во Русија.
Хрватска го направи првиот чекор за изградба на нуклеарна електрана


