Интерконтинентален проектил „јарс“ на воена парада во Москва - Фотографија ЕПА, Јури Кочетков

Русија го истрела најстрашното оружје за да покаже дека нуклеарните закани се сериозни

Москва наводно навремено го известила Вашингтон за намерата да истрела интерконтинентален проектил, со детали за намената, типот, вооружувањето и траекторијата, за да не се активира автоматски американскиот систем за итна реакција при таква ситуација

Русија е првата земја што истрелала интерконтинентален проектил во услови на војна, со што јасно им порача на Украина, на нејзините сојузници и на целиот свет дека обновената нуклеарна доктрина не е „реторика“, туку е сериозна закана за непријателите на Москва.

Проектилот со конвенционална бојна глава погодил индустриски капацитет во централниот украински град Днипро, при што биле ранети две лица, но заканата е многу поголема.

Дострелот на интерконтиненталните проектили е меѓу 10.000 и 18.000 километри (двојно повеќе од растојанието од Москва до Лос Анџелес), а и може да носат една или повеќе нуклеарни бојни глави, секоја насочена кон различна цел. Тестирано оружје од овој тип во своите арсенали имаат само САД, Русија, Кина, Франција, Обединетото Кралство, Индија, Израел и Северна Кореја, односно истите земји (освен Пакистан) за кои е потврдено дека поседуваат и нуклеарни бомби.

Украинските воздухопловни сили не го прецизираа моделот на рускиот интерконтинентален проектил, но објавија дека веројатно бил истрелан од база во јужниот регион Астрахан.

Украинската агенција „Дифенс експрес“ објави дека Москва навремено го известила Вашингтон за намерата да истрела интерконтинентален проектил, со детали за намената, типот, вооружувањето и траекторијата, за да не се активира автоматски американскиот систем за итна реакција при таква ситуација, што може да биде и соодветен контраудар со интерконтинентален проектил со нуклеарни бојни глави.

Москва и Вашингтон не ги коментираа овие информации.

Киев додаде дека во баражот Русија употребила и еден хиперсоничен проектил „кинџал“, лансиран од авион, како и уште седум супсонични крстосувачки проектили Х-101 „кодијак“, од кои шест биле пресретнати и соборени од противвоздушната одбрана. Не беше наведено колкава штета предизвикале „кинџалот“ и седмиот крстосувачки проектил.

Мурал на интерконтинентален проектил „топол-м“ на зграда во Москва – Фотографија ЕПА, Јури Кочетков

Ескалирањето на тензиите во војната во Украина се поклопи со претседателските избори во САД и победата на Доналд Трамп. Претседателот во заминување Џо Бајден пред три дена ѝ дозволи на Украина да ги користи американските долгострелни проектили од системот АТАКМС за напади длабоко на руска територија. Веќе следниот ден Украина истрела проектил од АТАКМС врз цел во Русија, а ден потоа и проектили „сторм шедоу“ што ги доби како помош од Обединетото Кралство.

Рускиот претседател Владимир Путин возврати со потпис на нуклеарната доктрина, која од завчера подразбира и користење на нуклеарниот арсенал како одговор од конвенционален напад со проектили. Неполни 48 часа подоцна, Русија стана првата земја во светот што употребила интерконтинентален проектил.

Руските сили, во меѓувреме, го забрзаа продорот на фронтот во Украина и за само два месеца напредуваа повеќе отколку во целата 2023 година.

Одбранбени експерти изјавија за Би-би-си дека и Русија и Украина спроведуваат порадикални потези за да ги подобрат своите позиции на фронтот пред 20 јануари, кога Доналд Трамп ќе даде претседателска заклетва.

Михајло Самус, аналитичар од Истражувачката мрежа Нова геополитика во Киев, тврди дека Русија со недели создавала резерви на стотици проектили „кинџал“ и „искандер“ за да изврши масовни удари врз Украина пред Бајден да му ја предаде власта на Трамп.

– Сѐ е подготовка за подобра позиција на преговорите со Трамп за да му се каже дека Русија не е спремна за компромис и дека сѐ зависи од (украинскиот претседател Володимир) Зеленски – вели Самус.

Трамп во кампањата ветуваше дека како претседател „за само еден ден“ ќе ја запре војната во Украина. Големите воени отстапки на Бајден во полза на Украина се толкуваат како обид на претседателот во заминување да му ги „врзе рацете“ на својот наследник и да го обврзе да му помага на Киев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот