Румен Радев го врачи и третиот мандат за формирање влада на Бугарија

Корнелија Нинова од БСП / EPA/BORISLAV TROSHEV

Шефот на бугарската држава Румен Радев утрово го предаде третиот мандат за обид за формирање влада на Бугарија. Во кабинетот на Радев папката со документот за доделување мандат беше дадена на третата по големина парламентарна група – „БСП за Бугарија“, пишува Вести.

Претседателот Радев, како што пишува бугарскиот печат, рече дека избрал да го предаде третиот мандат на БСП, бидејќи, според него, тоа е партија која ги поддржува вредностите на слободата, солидарноста, правдата, кои му се блиски, ја задржува отвореноста и дијалогот во претходните напори за формирање кабинет, а најважна причина се илјадниците респектабилни социјалисти што ги познава.

„Верувам дека овие илјадници чесни луѓе и внатрепартиска демократија се гаранција дека третиот мандат ќе се искористи за формирање влада околу јасни вредности, јасен политички профил и неспорни личности, бидејќи на Бугарија и треба лидерство“, рече претседателот Радев.

„Замаглувањето на политичката одговорност зад експерт и друга слична формула не може да ги реши проблемите со демонтирање на неуспешниот модел на моќ, и ова е историска задача пред нас“, додаде шефот на државата.

Румен Радев го претстави декретот со кој се наведува БСП да предложи кандидат за премиер и им посака успех.

„Ќе ги вложиме сите напори да формираме кабинет со мнозинство во парламентот, кој ќе преземе мерки за реформи, за промена на сегашниот модел на управување, за да се обезбеди стабилност за Бугарија и безбедност за бугарските граѓани во наредните месеци“, рече претседателката на пратеничката група на  БСП за Бугарија, Корнелија Нинова.

Претседателот Румен Радев објасни дека партијата треба да појде кај него следниот петок со кандидат за премиер. Доколку и овојпат не успее обидот за формирање владин кабинет, шефот на државата ќе го распушти 46. Национално собрание и ќе ги закаже третите последователни парламентарни избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот