Романот „Засолниште во времето“ од Георги Господинов ја освои македонската публика

Гостувањето на прославениот бугарски и европски писател Георги Господинов и долго очекуваната промоцијата на неговиот роман „Засолниште во времето“ предизвика силен интерес кај книжевната јасност.

Киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје на 1 декември беше исполнето до последното место со читатели на делата на Господинов, а голем беше бројот и на неговите книжевни пријатели.

Во издание на „Или-Или“, романот „Засолниште во времето“ од бугарски на македонски го преведе Душко Крстевски, кој исто беше присутен на промоцијата. Модератор на настанот беше Дарин Ангеловски од Институтот за македонска литература, а промоторки на романот беа Оливера Ќорвезироска и Калина Малеска.

Имајќи предвид дека преводот на романот „Засолниште во времето“ на македонски јазик се појави во 2021 година, Господинов пред љубопитната публика објасни дека ковид-пандемијата минатата година била пречка за многу настани во живо, а дека оваа година е со полна агенда и се обидува да се појави на сите промоции на кои е поканет. Забележа и дека оваа година луѓето имале потреба да се собираат и да разговараат, дури и за книги. „Тоа значи дека има надеж за светот“, рече Господинов.

Во својот обемен осврт Оливера Ќорвезироска зборуваше за сите книги од Господинов што се објавени на македонски јазик, притоа правејќи компаративни анализи и на тематиката и на приказните и на ликовите што се појавуваат и во кратките раскази и во романите на авторот.

– Читањето нечиј опус во континуитет, самото по себе, носи огромна книжевна возбуда. Читањето, пак, на опусот на Господинов во континуитет носи многу повеќе од возбуда. Носи фасцинација, кодирање и декодирање на писмото и на постапките, откривање на цел пишувачки свет истоварен и населен на тукушто нотираниот континент на минатото – континентот на Георги Господинов. Но, може ли новиот континент да го наруши вртењето на Земјата? Може. Затоа што и нашите животи се исповрзани и заплеткани во јазли со минатото, кое малку по малку ни стана замена за иднината. Нашето утре стана вчера, а книжевното писмо на Господинов генерално го детектираше и го дефинираше токму тоа. Прецизно и разбирливо, иако завиткано во недобројните лушпи на приказните, дека минатото е тиранин што тргнал да го освојува светот. Најдоброто засолниште, убежиште, уточиште, скривница од времето е токму во времето, зашто кога минатото станува тиранин, тогаш сегашноста престанува да ни биде дом и станува непријатно, а иднината запира и се поништува – посочи Оливера Ќорвезироска.

Промоторката Калина Малеска подетално се задржа на промовираниот роман „Засолниште во времето“, анализирајќи ги сите пет поглавја, а посебно задржувајќи се на првото, кое го смета за клучно во разбирање на тематиката на романот.

– Сеќавањето има необично влијание врз нас. Истовремено нѐ теши и нѐ вознемирува. Го поврзува нашето лично минато и општата историја, од која сме дел, со нашата сегашност и со можноста да ја контролираме својата иднина. „Засолниште во времето“ од Господинов е роман во кој се истражуваат овие карактеристики на сеќавањето. Тој, исто така, е роман кој навлегува длабоко во процесот на бришење на сеќавањето, попознато под поимот заборавање. „Засолниште во времето“, меѓу многу други нешта, е роман за минатото, за носталгијата, всушност, за самиот концепт на времето, како и за личните приказни и општествените промени кои со времето се фатени во „бурите на времето“ и кои се обидуваат да најдат засолниште во и од времето – истакна Калина Малеска во својот осврт кон романот „Засолниште во времето“.

Во своето обраќање кон публиката, Господинов ги разјаснуваше тезите што беа спомнати во освртите на промоторките, но направи и анкета со која сакаше да дознае која деценија од минатиот век останала во најубаво сеќавање кај публиката, а во контекст на сеќавањата, минатото и стареењето.

Објавувањето на романот и промоцијата се дел од проектот „Европска литература: зачувување на солидарноста во заканувачки контексти“ на издавачката куќа „Или-Или“ во Програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 157, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот