Плакат за изложбата „Меѓу нас“ на Горан Костовски - Индог

Визуелна приказна за емпатија, надеж и колективна грижа носи изложбата „Меѓу нас“ на Горан Костовски – Индог

Во Мобилната / Монтажна галерија (локација: Парк на Франкофонијата) при Центарот за современи уметности – Скопје на 3 јуни, во 18 часот, ќе биде отворена самостојната изложба со наслов „Меѓу нас“ – визуелна приказна за емпатија, надеж и колективна грижа – на Горан Костовски – Индог.

Проектот произлегува од долгогодишното истражување на темата „Славење на животот“, започнато во 2011 година, и во оваа фаза се фокусира на емпатијата, љубовта и колективната грижа како двигатели на подобра иднина.

Преку серија илустрации, платна и графики создадени во последниве години, „Меѓу нас“ ја истражува човековата емоционална состојба и поврзаноста со природата и заедницата, инспирирана од современите глобални случувања. Централниот мотив – цветот – се појавува како симбол на раст, ранливост и трансформација, носејќи различни состојби: љубов, тага, радост и надеж.

Изложбата отвора прашања за менталното здравје, поставувајќи го како заедничка одговорност, а не индивидуална борба. Таа повикува на поврзување, дијалог и солидарност, истовремено функционирајќи како терапевтски и ангажирачки простор што поттикнува чувство на припадност и можност за промена преку мали, но значајни гестови на грижа и разбирање.

Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура и туризам на РСМ и Општина Центар.

Горан Костовски – Индог е уметнички директор, илустратор, дизајнер, уличен уметник, диџеј и активист. Во својата кариера има соработувано со бројни организации, компании, музичари и уметници, реализирајќи различни креативни проекти, кампањи за подигање на свеста и визуелни идентитети. Има искуство и во областа на односи со јавноста и комуникации.

Во 2011 година ја основа DIY (Doing Yourself In) – уметничка платформа, како и унисекс етикетата „Celebrate Life“, насочена кон промоција на позитивни пораки и урбана култура. Во 2020 година го започнува својот подкаст посветен на менталното здравје, во кој досега има реализирано над 100 епизоди. Паралелно, има изложувано и настапувано во земјата и во странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот