Јулијана Величковска, Лилјана Пандева и Лидија Капушевска-Дракулевска / Фотографија: Теодор Тасевски

Романот „Зара Зарина“ од Лилјана Пандева има еден историски и еден актуелен аспект

Романот „Зара Зарина“ од Лилјана Пандева, во издание на „ПНВ Публикации“, својата промоција ја имаше на 15 април во Културно-информативниот центар во Скопје.

Најновиот ракопис на Лилјана Пандева отвора нови простори во македонската литература, од една страна го доловува времето од осумдесеттите години на минатиот век во Македонија, време кое сè уште не е целосно книжевно опфатено, а од друга, се соочува со неизвесноста на актуелните кризни случувања во светот.

Оттаму, ракописот има еден историски и еден актуелен аспект. Авторката успева, со многу сенс и вештина, да направи симбиоза на навидум, неспојливи хронотопи.

Книгата ја претстави проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, а разговорот со авторката го модерираше Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.

– „Зара Зарина“ проспективно нè води во иднината на главниот лик, а ретроспективно нè враќа во минатото на нејзините родители, низ сите турбулентни преживелици во кои низ чудесни споеви се испреврзува националното и религиозното, традиционалното и модерното, токму низ приказните што од точка на невозможна мисија се развиваат во разни правци, доловувајќи ја актуелната ситуација во местото на започнување на приказната (Кабул), враќајќи нè во времето кога не така мал број странски студенти, пред сè, од арапските земји, студираа во Македонија, низ безброј описи и наративи од студентските случувања во тоа време низ студентските домови и мензи, факултети и други примамливи сврталишта, но и следејќи ги актуелните приказни по мигрантската рута – истакна Лидија Капушевска-Дракулевска.

Лилјана Пандева, родена 1964 година во Ново Село, Струмица, дипломирала на Катедрата за југословенска книжевност и македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Потоа магистрирала на тема „Поетските фигури на формата во македонската книжевност меѓу традицијата и иновацијата“, а во 2018 година се стекнува со звањето доктор по филолошки науки на Филолошкиот факултет при УКИМ со одбрана на докторската дисертација на тема „Адвербијализацијата во македонскиот јазик“. Во моментов работи како лектор по македонски јазик во Агенцијата за примена на јазикот.

Нејзини досега објавени дела се: драмолетите за деца „Новогодишни едночинки“; збирките раскази „Класифицирано“, „Канцелариски колумни“ и „Заорани“; стихозбирката „Љубов од А до Ш и обратно“; романите „Од агендата на Калина Калин“, „Возовите на Луцерн“ (преведени и објавени на германски јазик), „Дневници на една љубов“, романот „Доилката“, добитник на наградата „Стале Попов“ во 2017 г. од страна на ДПМ (преведен на српски и на руски јазик); и романот „Два Божика“.

За поемата „Капетаните“ ја доби наградата за најдобра поема „Григор Прличев“ за 2020 г. Добитник е и на три награди за најдобар краток расказ на „Нова Македонија“ (Прва награда за најдобар краток расказ 2021 г. за расказот „Ронка леб“ што е поместен во збирката раскази „Луѓенца“ (2022, „ПНВ Публикации“).

Лилјана Пандева е и еден од добитниците на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2021 г. во областа култура. Автор е и на повеќе научни трудови од областа на македонистиката со кои настапувала на домашни и меѓународни конференции, семинари и симпозиуми од областа на македонистиката и лингвистиката.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 329, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.4.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот