Промоција на романот во КИЦ-Скопје / Фотографија: Дуле Дамјановски

Романот „Бела Сама“ од Виолета Танчева-Златева имаше промоција во КИЦ-Скопје

Издавачкиот центар „Три“ го промовираше најновото прозно дело на истакнатата македонска авторка Виолета Танчева-Златева. Промоцијата се одржа на 13 декември во Културно-информативниот центар во Скопје.

Промоторката на романот, Ана Јовковска, истакна дека „Бела Сама“ од Виолета Танчева-Златева е комплексен роман за женскиот принцип, траумата, патријархатот, клаустрофобијата на духот, мајчинството, растењето…

Со проникливи и суштински прашања Јовковска во разговор со авторката пред присутната публика успеа да отвори повеќе теми кои ги третира приказната на романот.

Книгата е вистинско обележје на македонскиот современ роман и навраќање кон човечките вредности, а едновремено е и чекор напред кон излегување од патријархалноста и стереотипите.

Виолета Танчева-Златева и Ана Јовковска / Фотографија: Дуле Дамјановски

Виолета Танчева-Златева е поетеса, раскажувач, есеист, лектор. Родена е на 25 април 1968 г., во с. Бориево, Струмица. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Југословенска книжевност. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 година, како и на Здружението на лекторите на Македонија.

Пишува поезија и проза. Досега освоила прва награда за проза на анонимниот конкурс на „Ѓурѓа“ во 1991 г.; наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата во 2015 г. за стихозбирката „Година без лето“; наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ во 2018 г. за книгата „Патот“.

Нејзиниот поетски ракопис „Глуво време“ во 2022 година е награден со „Антев златник“ на Меѓународната поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 218, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот