Рок легендите Брус Спрингстин, „Фу Фајтерс“ и Серџ Танкијан се обединуваат за „Моќта на народот“, голем протестен фестивал во Америка
Музичките легенди Брус Спрингстин, „Фу Фајтерс“, Џоан Баез и Серџ Танкијан ќе настапат на новиот фестивал „Моќта на народот“, објави „Форбс“.
Препорачано
Фестивалот, чиј организатор е Том Морело, гитаристот на групата „Рејџ агенст д машин“, ќе се одржи на 3 октомври во Колумбија, во американската држава Мериленд, а е најавен како еднодневен настан посветен на мирот, правдата, солидарноста, музиката и општествениот ангажман.
Покрај Брус Спрингстин, „Фу Фајтерс“ и Џоан Баез, на фестивалот ќе настапат и фронтменот на „Систем оф а даун“ Серџ Танкијан, Дејв Метјус, Британи Хауард, „Сајпрес хил“, Килер Мајк, Џек Блек, „Дропкик Марфис“, Тејлор Момсен и други познати музички имиња.
Според „Форбс“, најавата за фестивалот доаѓа во период кога фестивалот „Грејт Американ стејт фер“, кој е поврзан со Доналд Трамп, се соочува со откажувања од дел од најавените учесници.
Том Морело изјавил дека „Пауер ту д пипл“ ќе биде фестивал посветен на демократијата, слободата и правдата, додавајќи дека музиката отсекогаш била моќна алатка за обединување на луѓето.
Организаторите најавија дека дел од средствата од продажбата на билетите ќе бидат донирани на организации кои работат на заштита на гласачките права и поттикнување граѓански активизам.
Билетите ќе бидат пуштени во продажба на 30 мај, а се очекува наскоро да бидат објавени уште имиња на учесници и дополнителни детали за програмата.


