Протест во Скопје на родителите на настараданите во дискотеката во Кочани / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Родителите од Кочани за трагедијата во Швајцарија: „Од срце сме со вас како луѓе кои ја носат истата рана“

Родителите на загинатите во пожарот во кочанската дискотека изразија најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите во швајцарскиот бар, трагедија што ги наврати на кочанската. Велат дека со скршено срце ја примиле веста за трагичната несреќа во Швајцарија.

„Веста нè врати таму каде што болката никогаш не замина — во моментот кога животот засекогаш се подели на „пред“ и „по“. Ние, семејствата на починатите во пожарот во „Пулс“ – Кочани, знаеме што значи ненадејно да ти се урне светот. Знаеме како боли кога ќе остане празно столче, кога тишината зборува погласно од зборовите, кога секој здив е тежок.

Нашите мисли, молитви и срца се со семејствата на загинатите, со повредените и со сите кои ја носат оваа незамислива болка. Од срце сме со вас — не како набљудувачи, туку како луѓе кои ја носат истата рана. Во вакви моменти, единственото што има вистинска вредност е човечноста, солидарноста и подадената рака. Да знаеш дека не си сам во болката“ порачаа тие на Фејсбук.

На повредените им посакуваат сила и надеж за закрепнување и порачаа дека стојат на располагање за сè што можат да помогнат — „со разбирање, со тивка поддршка и со срце што знае“.

Нека почиваат во мир оние што заминаа, а на живите нека им биде дадена сила да продолжат, порачаа родителите од Кочани.

Во катастрофален пожар на новогодишна забава во бар во луксузниот скијачки центар Кран-Монтана во Швајцарија загинаа најмалку 47 луѓе, а 115 се повредени, повеќето од нив сериозно. Во пожарот исчезнат е и Македонец, по кого трага неговото семејство. Како што велат, тој последен пат бил виден за време на пожарот на новогодишната ноќ во барот во познатиот зимски центар Кран-Монтана.

ВИДЕО | Експлозија во бар во познат швајцарски скијачки центар, има загинати и повредени

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот