Родителите на жртвите во Кочани му порачаа на следниот државен јавен обвинител да го загрее столчето
Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска, на 34-от „Марш за ангелите“ во Кочани, повторно побараа проширување на истрагата, утврдување лична одговорност и јавно објаснување зошто дел од луѓето за кои постои сомнеж досега не се опфатени со кривична постапка. Тие упатија и порака до новиот државен јавен обвинител целосно да го преиспита предметот од самиот почеток, од денот на трагедијата, со цел да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој молчел и кој не постапил.
Препорачано
Пред полициската станица во Кочани, Александар Наунов, татко на едно од починатите девојчиња, изјави дека семејствата се огорчени зашто, како што рече, постојат и други луѓе за кои јавноста и родителите основано веруваат дека носат вина, а не се ниту осомничени ниту дел од транспарентна истрага.
– Нашите деца не се бројки, тие имаат имиња, приказни и семејства кои засекогаш ќе ги чекаат. Овој марш е порака дека сме тука, дека паметиме и дека нема да дозволиме вистината да биде закопана заедно со нашите деца – нагласи Наунов.
На собирот пред Судот и Обвинителството во Кочани, Верица Трифунова, мајка на загинатата Моника Спасова, оцени дека оставката на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски е задоцнета. Според неа, наместо темелна истрага од самиот почеток, обвинителството се потпирало на информации од МВР и се фокусирало на лица осомничени уште од претходните години, додека, како што рече, вистинските центри на моќ останале недопирливи. Таа порача дека новиот обвинител мора одново да го отвори случајот и да ги изведе пред лицето на правдата сите кои директно или индиректно придонеле за смртта на нивните деца.
Протестниот марш, како и обично, тргна од „Паркот на Револуцијата“, помина низ централното градско подрачје и заврши пред полициската станица и Судот. На двојниот мост кај кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“, родителите застанаа и накратко го блокираа сообраќајот, по што дел од возачите реагираа со свирежи, не знаејќи ја причината за подолгиот застој.


