Илустрација / Фото: RDNE Stock project

Млади од пожарот во Кочани се лекуваат во „Јасеново“ – без трајни последици, но со можни оштетувања на дишните патишта од отрови

Дел од повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се лекуваат во Специјалната болница за белодробни заболувања „Јасеново“ во Велес. Таму медицинска нега и стручни консултации добиваат околу 20 млади луѓе со оштетувања на дишните патишта, предизвикани од вдишување врели воздух и чад, објави „Сакам да кажам“.

Според лекарите, најголем дел од нив се во стабилна состојба, без трајни последици врз белите дробови или врз срцето и кај повеќето наодите се во рамки на нормалата.

Интернистот и пулмоалерголог д-р Гоце Бузалков објаснува дека кај овие пациенти не е утврдено уништување на здравото белодробно ткиво ниту, пак, создавање сврзно ткиво кое би довело до хронична респираторна слабост.

Сепак, постои сомнеж дека во пожарот биле присутни токсични агенси кои сè уште не се целосно идентификувани, вели докторот, а кои предизвикале оштетувања на дишните патишта.

Поради недостиг од вакви супспецијалисти во земјата, дел од околу 200-те повредени биле упатени токму во „Јасеново“ каде што имаат приоритет при прегледите и третманот.

ВИДЕО | Родителите на загинатите во Кочани предупредуваат дека ќе преземат мерки: „Oсомничени полицајци се на слобода, го губиме трпението“

Докторот посочува дека кај некои пациенти и понатаму се јавуваат кашлица, чувство на гушење, замор или слабост при напор, поради што се прават детални испитувања на нивното здравје. Тој додава дека иако дел имале изгореници на лицето, вратот и рацете, тие промени ќе заздрават без трајни последици.

Во трагичниот пожар што избувна на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 63 луѓе, додека повеќе од 200 беа повредени. Паралелно со лекувањето на настраданите, во тек е и судска постапка во која се опфатени 35 физички и три правни лица.

Според обвинителниот акт, трагедијата не се случила како резултат на случајност или несреќа, туку претставува исход на долгогодишно непочитување на законските прописи, серија погрешни одлуки и длабоки институционални пропусти.

Службеникот од економија кој е обвинет за „Пулс“ и за поткуп излегува од притвор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот