Ристевски: Трпам тортура, целата оваа фарса е јасна, сакаат да ме отстранат од спортот!

Тренерот на македонските скијачи, Антонио Ристевски е огорчен од целата ситуација/Фото: EPA-EFE/MARK CRISTINO

Антонио Ристевски, кој е тренер на најдобрите македонски алпски скијачи како што самиот вели, 11 месеци трпи тортура и дека целиот овој период живее со целиот стрес, секој ден во интерес на скијачите и македонскиот спорт поради олимписките квалификации и Зимските олимписки игри во Пекинг.

Преку социјалните мрежи имаше реакција на дописот од Скијачката федерација на Македонија која побара Ристевски да го оправда своето отсуство од работа. Доби мејл од првиот човек на федерацијата, Огњан Циговски, односно барање да појасни зошто не е на работа, иако во моментов е во Пекинг на зимските Олимписки игри.

Воедно е и тренер на Дардан Дехари кој поради повреда нема да настапи во Пекинг.

– Повод за ова мое емотивно обраќање од ЗОИ во Пекинг е големото лично разочарување што македонскиот спорт повторно губи од кусогледи епизодисти залутани во спортските федерации. Затоа, однапред се извинувам на јавноста што сум принуден ова да го сторам среде ЗОИ. Наместо “спортот на спортистите” испадна “спортистите аут од спортот”. Јас како најдобриот македонски алпски скијач и олимпиец на сите времиња, со кариера повеќе од 20 години доживеав да се правдам заради тоа што сум тренер на најдобрите македонски алпски скијачи, кои оваа сезона покажаа одлични резултати заради кои заедно допатувавме во Пекинг. Замислете, целата јавност знае дека сме на ЗОИ само г-дин Огњан Циговски не знае!

Го пишувам ова јавно бидејќи сум огорчен. 11 месеци трпам тортура, а надлежните државни институции се неми за нечие самовластие. Цел овој период и живеев со целиот тој стрес секој ден во ИНТЕРЕС НА МАКЕДОНСКИТЕ СКИЈАЧИ И МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ, пред се поради олимписките квалификации и Олимписките игри во Пекинг 2022. Целата оваа фарса против мене, мојот клуб и мојата должност како главен тренер на алпските репрезентациите во Скијачката Федерација и најдобрите македонски алпски скијачи е јасна, сакаат да ме отстранат од спортот. Едноставно мојот спортски габарит е преголем за нечија неспособност и малодушност.

Фото: Принтскрин/facebook.com/antonio.ristevski

Ама и тоа не е проблем, јас на оваа позиција дојдов со искуство, резултат, способност и знаење, а не како некои кои сега се замислуваат дека се спортска власт и одлучуваат за спортските судбини. Јас имам каде да одам и што да правам во овој спорт, ама г-дине Циговски вие ќе останете сам во таа федерација. Можеби тоа и е вашата цел. Како што сте тргнале ќе бидете запомнети како гробари на македонското спортско скијање. ПА ДА ВИ КАЖАМ , ЈАС бев и сум на ЗОИ во Пекинг заедно со Дардан, каде гордо и достоинствено ја претставуваме нашата Држава. Ние ќе бидеме светлата страна на историјата. Тоа не може да го избришете со мејлови, закани, препорачани писма, забрани за тренинг на “вашето Маврово”….можеби можете да ме избркате од работа, но спортската душа никогаш нема да ми ја одземете!!! – напиша Ристевски на Фејсбук.

Ставре Јада заврши на 86 место во квалификациите во нордиско скијање

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот